Почетна :: Археологија
Археологија
Значајни археолошки истражувања
  1. Археолошки истражувања на локалитетот Сува Чешма (некропола Требеништа) кај с. Горенци, Охридско, 1953/1954 година (археолози: Васил Лахтов од Народниот музеј-Охрид и Јоже Кастелиц од Љубљана, Словенија). Потрага по вредни златни и бронзени археолошки наоди (златни маски, ракавици, бронзени кратери и др., како оние од 1918 г. откриени од страна на Бугарите и оние од 1930-1934 година откриени од Србите). Овој пат се открија 23 т.н. сиромашни гробови со скромни гробни прилози, но археолошки сепак значајни: бронзени двоји игли, бронзени лачни фибули, бронзени белегзии и др. Некрополата Требеништа се датира во VII - IV век со акцент на VI-V век пред н.е. (времето на златните маски и другите богати наоди).

  2. Археолошки истражувања на локалитетот Требенишко Кале (источно над с. Требеништа) 1953/1954 година (археолог Васил Лахтов). Откриени се гробови од македонско-хеленистичката некропола со прилози: златни обетки - голабици, златни обетки со негроидни глави, керамички садови и др. Овие наоди се датираат во времето на III-II век пред н.е.

  3. Археолошки ископувања на локалитетот Црвеница-Прентов Мост кај с. Опеница (сса 15 км североисточно од Охрид) 1957-1959 година (археолог Васил Лахтов). Македонско-хеленистичка некропола (III-II век пред н.е.) и раносредновековна некропола (XI-XII век). Наоди од македонско-хеленистички период: златни обетки со негроидни глави, приврзоци и др.

  4. Археолошки ископувања на локалитетот Билјанини извори, на источниот крај од Охрид каде што беше откриена тробродна ранохристијанска базилика со мозаични подови од V-VI век. Ископувањата и конзерваторско-реставраторските работи се изведуваа во времето од 1957 до 1968-1971 година (археолози: Васил Лахтов, Вера Битракова, Владо Маленко).

  5. Антички театар во Варош-Охрид (1960-1962 година). Први археолошки ископувања кои се реализираа од страна на Народниот музеј во Охрид и со кои се убицира овој спектаклен објект првпат изграден во II век пред н.е., а адаптиран за потребите на римското општество во II век н.е. (изградена е арена за гладијаторски борби и кафези за чување на диви ѕверови). Во текот на овие први ископувања, покрај другото, откриена беше познатата минијатурна театарска маска изработена од слонова коска. Археолошките ископувања ги изведуваше археологот Васил Лахтов.

  6. Археолошки ископувања на комплексот Св. Пантелејмон на Имарет (Плаошник) во Охрид 1964-1965 година. Се откриваше тролисната Светиклиментова црква внатре и делумно надвор од Султан Мехмед џамијата која беше и самата руина. Околу се откриваа гробови од раносредновековна некропола. Со ископувањата раководеше проф. Димче Коцо со археологот Васил Лахтов.

  7. Археолошки ископувања на Имарет (Плаошник) 1964-1967-1971 година кога се откриваше ранохристијанска поликонхална црква (тетраконхос) со остатоци на раскошна мозаична декорација на подовите. Овој монументален ранохристијански храм се наоѓа на десеттина метри северно од Светиклиментовата црква Св. Пантелејмон. Археолошките зафати и конзерваторско-реставраторските работи ги изведуваа Народниот музеј-Охрид и Заводот за заштита на спомениците на културата-Охрид. Со истражувањата раководеа Вера Битракова и Владо Маленко, а конзерваторско-реставраторските работи ги реализираше архитектот Тодор Паскали.

  8. Заштитни археолошки ископувања на локалитетот Зграда фонд II во Карабегомала (Охрид, низински дел) 1967 година. Притоа беа откриени остатоци од храм на богиња Изида и две скулптури на богињата: едната од III век пред н.е., а другата од римски период (II век н.е.). Работите ги изведуваше Заводот за заштита на спомениците на културата-Охрид, а со ископувањата раководеше археологот Владо Маленко.

  9. Заштитни археолошки ископувања на локалитетите Три Чељусти и Вртуљка кај с. Горенци, 12 км северно од Охрид 1972 година (некропола Требеништа). Овие истражувања се извршија заради изградбата на магистралниот пат Скопје-Кичево-Охрид. Беа откриени 27 гробови и гробни целини со прилози: бронзени белезии со преклопени краеви, двојни бронзени игли-фуркети, бронзени фибули малоазиски тип, железни копја, фрагментирани и цели керамички садови и др., а со временска припадност на Железното време II, односно на времето од VII - V век пред н.е. Работите ги изведуваше Заводот за заштита на спомениците на културата-Охрид, а раководител на истражувањата беше Владо Маленко.

  10. Заштитни археолошки ископувања на локалитетите Св. Еразмо, Габавци и Козлук во 1974-1975 година. При овие зафати отпочнати поради изградбата на магистралниот пат Скопје-Кичево-Охрид беше откриена тробродна ранохристијанска базилика (V-VI век) и доцноантичко-раносредновековна некропола со исклучително значајни гробни прилози: бронзени торквеси, наушници, лачни фибули, приврзоци, керамички садов и др., со временска припадност на IV, VII-VIII и XI-XII век. На локалитетот Габавци беа откриени остатоци од профани градби, а на локалитетот Козлук остатоци од вилла рустица (IV век н.е.).

  11. Стара Чаршија-Охрид 1975-1977 година. Вршени се заштитни археолошки ископувања на четири пункта. Притоа се откриени: културни слоеви од железното време, македонско-хеленистички гробови, античка фурна за печење на тули (опеки). Работите ги изведуваше Заводот и Музеј-Охрид, а со ископувањата раководеше археологот Владо Маленко.

  12. Антички театар во Варош (Охрид) 1977 година. Археолошки истражувања на западниот и северниот дел од гледалиштето. Откриени беа повеќе редови на камени седишта на помал простор. Со истражувањата раководеше археологот Владо Маленко.

  13. Археолошки ископувања на локалитетот Дебој (Охрид) во 1978-1979 година. Се откриваше голем дел од централната лихнидска некропола со гробови од македонско-хеленистички период (III-II век пред н.е.) и гробови од римски период (I-III век н.е.). На западниот дел од овој простор беа откриени остатоци од ранохристијанска тробродна базилика со мозаични подови во нартексот.. Работите ги изведуваше Заводот и Музеј-Охрид, а со истражувањата раководеше археологот Владо Маленко.

  14. Антички театар во Варош (Охрид) 1984-1985 година. Археолошки ископувања главно на просторот од западниот и северниот дел на театронот (гледалиштето). Работите ги изведуваше Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј-Охрид со помош на работни акции од бригадири и со помош на војниците од Охридскиот гарнизон. Со истражувањата раководеше археологот Владо Маленко.

  15. Археолошко ископувањре на локалитетот Козлук (на излезот од Охрид кон Струга) во 1983-1984 година. Се откриваа делови од Вилла рустица при што беа констатирани остатоци од терми и простории кои ја сочинуваа Куќата на љубовта во рамките на оваа римска вила од IV век. Работите ги изведуваше Завод и Музеј-Охрид, а со истражувањата раководеа археолозите Владо Маленко и Паско Кузман.

  16. Систематски археолошки истражувања на неолитскиот локалитет Долно Трново во 1986 година. Овие истражувања беа дел од проектот *Неолит и енеолит во Југозападна Македонија*, а во реализација на Заводот и Музеј-Охрид, Заводот, Музеј и Галерија-Битола и Заводот и Музеј-Прилеп. При овие истражувања беа откриени остатоци од праисториски (неолитски) куќи и многубројна фрагментирана садовна керамика и кремени и камени орудија. Со истражувањата раководеа: Паско Кузман, Драгица Симовска и Благоја Китановски.

  17. Археолошки истражувања на локалитетот Зластрана кај с. Горно Средорече (Дебарца), Охридско, 1988 година. Притоа се откриени културни слоеви на една од најстарите неолитски населби во Македонија. Работите ги изведуваше Заводот и Музеј-Охрид, а со истражувањата раководеше археологот Паско Кузман.

  18. Археолошки истражувања на локалитетот Кутлина кај с. Велмеј, Охридско, во 1990-1992 година. Откриени се остатоци на енеолитска населба (бакарно време) со значаен археолошки движен материјал од тој период. Работите ги изведуваше Заводот и Музеј-Охрид, а со истражувањата раководеше Паско Кузман.

  19. Систематски археолошки ископувања на просторите од повисокиот рид на Охрид во рамките на проектот *Урбанизацијата на Лихнидос* во 1994-1996 година. Притоа се откриваше вертикалната стратиграфија на просторот од цитаделата (Самуиловата тврдина) и се истражуваше старомакедонската гробница на лок. *Караѓулевци* во непосредна близина западно до Античкиот театар. Работите ги координираа Филозофскиот факултет-Скопје и Заводот и Музеј-Охрид, а со истражувањата раководеа: проф. д-р Вера Битракова Грозданова, Владо Маленко, Паско Кузман и Нада Почуча Кузман.

  20. Подводни археолошки истражувања на локалитетот Плоча Миќов Град во Заливот на Коските кај полуостровот Градиште (с. Пештани) на Охридското Езеро во времето од 1997 до 2005 година. Притоа беа откриени остатоци од праисториска (бронзенодопска-железновременска) палафитна населба на дното од езерото. Со истражувањата се регистрираа 6 000 дрвени колци забодени на дното и беше откриен многу значаен археолошки материјал од керамичката продукција на тоа време. Работите беа под надлежност на Заводот и Музеј-Охрид, а реализацијата на Клубот за подводни дејности *Охрид* од Охрид. Раководител на подводните археолошки истражувања беше археологот Паско Кузман, а раководител на нуркачкиот тим Милутин Секуловски-Миќо.

  21. Плаошник 1999-2002 година. Ревизиони и систематски археолошки ископувања на просторот од комплексот на Светиклиментовата црква Св. Пантелејмон, а во рамките на проектот *Возобновување на Светиклиментовата црква Св. Пантелејмон на Плаошник во Охрид*. Беа откриени над 2000 гробови со припадност на времето од ИЏ - ЏВ век, целосно откриена монументална ранохристијанска базилика со атриум на северната страна, нартекс со мозаичен под на западниот дел и крстилница со раскошна мозаична орнаментика на подот. Светиклиментовата црква која се наоѓа во централниот дел од базиликата беше обновена на истите темели и осветена на 11 август 2002 година. Возобновувањето се изведе со реализација на проектот од арх. Тодор Паскали (таткото) и арх. Тања Паскали (ќерката). Раководител на археолошките истражувања беше Владо Маленко под надзор на Одборот за возобновување на црквата (претседател акад. Крум Томовски) и координација на Паско Кузман. Целокупната работа ја реализираше Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј-Охрид.

  22. Антички театар 1999-2001 година. Извршени се досега најобемни археолошки ископувања со кои целосно се откри театронот, дијазомата и поголемиот дел од арената. Се изврши конзервација и реставрација, а презентацијата се изведе со отворањето на фестивалот Охридско лето 2001 и спектаклот на режисерот Иван Поповски *Македонска Одисеја 2001*.За да се оствари тоа дислоцирани беа неколку индивидуални станбени објекти од просторот. Археолошките истражувања дадоа драгоцени резултати: се откри епиграфски споменик со основна претстава на името на градот Лихнидос, се открија 280 гробови и гробни конструкции и остатоци од две цркви-едната во југозападниот дел, а другата во североисточниот дел од локалитетот. Работите ги изведуваше Заводот и Музеј-Охрид, а со археолошките истражувања раководеше археологот Владо Маленко. Конзерваторскиот проект го подготвија проф. д-р Јасминка Хаџиева Алексиевска и проф. д-р Михаил Токарев од Архитектонскиот факултет-Скопје. Проектот за илуминирање беше на фирмата *Блаком* - Скопје.

  23. Самуилова тврдина/цитадела 2000-2002 година. Беа реализирани обемни систематски археолошки истражувања на просторот од цитаделата при што беа откриени шест цистерни за вода, многубројни остатоци од градби од македонско-хеленистички период, доцната антика и раниот среден век, како и остатоци од сарајот на Џеладин бег во јужната половина. Истовремено беше извршена конзервација и реставрација на бедемите и кулите на цитаделата, како и на поголем дел од подградието на комплексот *Горна Порта*. Работите ги изведуваше Заводот и Музеј-Охрид, а со археолошките истражувања координираше археологот Паско Кузман. Конзерваторските активности ги координираше архитектот Елена Кочковска.

  24. Горна Порта-Охрид 2001-2002. Археолошки истражувања на просторот од надворешната и внатрешната страна источно од Горна Порта при што беа откриени 145 гробови и гробници со богати гробни прилози од архајскиот, македонско-хеленистичкиот и римскиот период. Овде за првпат во Охрид се откриени најстарите погребувања (VI-IV век пред н.е.), а во гробот 132 беше откриена златна маска, златна ракавица и уште седумдесеттина други златни, сребрени, бронзени, железни, керамички и килибарни предмети. Активностите се реализираа во рамките на проектот *Конзервација и реставрација на Самуиловата тврдина во Охрид*, работите ги изведуваше Заводот и Музеј-Охрид, а со истражувањата раководеше Паско Кузман.

  25. Дебој 2, 2001 година. Археолошки истражувања на простор покрај северниот бедем од надворешната страна, во внатрешноста од најистурениот северен дел од подградието на охридската тврдина, покрај источниот бедем од надворешната страна околу портата од турски период и јужно од Долна Порта покрај бедемот од внатрешната страна, во источниот дел од дворот на црквата Св. Богородица Болничка. Притоа откриени се гробови со прилози од римски и средновековен период, како и остатоци од сарајот на Ташула (?) кого го изградил Џеладин бег во првата половина на XIX век (во внатрешноста од најистурениот дел на тврдината кон север на Дебој). Активностите се одвиваа во рамките на проектот *Конзервација и реставрација на Самуиловата тврдина во Охрид*, работите ги изведуваше Заводот и Музеј-Охрид, а со истражувањата раководеше проф. д-р Вера Битракова Грозданова.

  26. Плаошник 2003-2005 година. Археолошки истражувања западно од нартексот на монументалната тробродна базилика како и придружни истражувања под мозаичните подови на нартексот и крстилницата. Конзерваторски зафати: кревање, чистење и враќање на нова подлога на мозаичните површини од крстилницата на базиликата, како и поставување на заштитна покривна конструкција над истата. Работите ги изведуваше НУ Завод и Музеј-Охрид, а со археолошките истражувања и конзерваторските работи раководеа археологот Нада Почуча Кузман и архитектот Тања Паскали Бунташеска.

  27. Самуилова тврдина 2003-2005 година. Помали археолошки истражувања на еден дел од просторот на цитаделата и конзервација и реставрација на средниот бедем кој ја дели цитаделата на две половини. Работите ги изведуваше НУ Завод и Музеј-Охрид, со археолошките истражувања раководеше археологот Паско Кузман, а со конзервацијата и реставрацијата на средниот бедем архитектот Елена Кочкоска.

  28. Заштитни археолошки ископувања по целата должина на ул. *Цар Самуил* и на просторот Јужно од Св. Софија. На улицата *Цар Самуил* беа констатирани следните наоди: основа од масивни камени плочи кај Долна Порта, која најверојатно е основата од улицата и портата во ИВ век, пониска од денешната за 1,15 м (со проект и финансирање од германска фирма беше извршено презентирање на основата од камени плочи со поставување на метална мрежа); во близина на црквите Болнички беа откриени се остатоци од ранохристијанска базилика; од Музејот Робевци до куќата од Савиноци во коса линија беше откриен бедемски ѕид; кај црквата Св. Никола Геракомија е откриен сводест објект (доцноантичка гробница); Јужно од Св. Софија, на плоштадчето пред семејните куќи на Боевци, откриени се масивни ѕидови со фрески и други показатели кои укажуваа на тоа дека всушност остатоците од објектот со живописани ѕидови е дел од архиепископската палата на Охридската арххиепископија. Наодот е заштитен со покривна армирано-бетонска плоча. Работите ги изведуваше Завод и Музеј-Охрид, а со ископувањата раководеше археологот Паско Кузман.

  29. Црква Си Свети, XV век, 2005 година. Придружни археолошки ископувања на просторот околу црквата од сите страни. Притроа се открија гробови со најстара хронолошка одредница на XIII век. Беа откриени остатоци на постара црква под темелите на црквата од XV век градена од камен и варов малтер. Апсидата на старата црква има три контрафори кои се откриени како испусти. Јужните делови на старата црква се уништени од подоцнежната градба на придружни простории на црквата од XV век градени од камен и кал. Овие ископувања беа со цел да се ослободи црквата од натрупаната земја преку која продираше влага во внатрешноста делувајќи разорно на живописот. Работите ги изведуваше НУ Завод и Музеј-Охрид, а со истражувањата раководеше археологот Паско Кузман.

  30. Вевчани, локалитет Средсело, 2005 година. При изведба на земјани работи случајно се откриени остатоци од сакрален објект и некропола. Со археолошките истражувања се констатира дека се работи за монументална петобродна базилика со три апсиди која започнала да се гради 1895 година (откриена е плоча со натпис ставена при поставувањето на камен темелник), се доградувала во почетокот на XX век (1927-1928 година), за во 1947 година да биде разурната и покриена со земја. Работите ги изведуваше НУ Завод и Музеј-Охрид, а раководител на истражувањата беше археологот Паско Кузман.

  31. Археолошки ископувања на локалитетот „Св. Четириесет маченици“ покрај ул. „Боро Шаин“, јужно до куќата од Алчевци, 2005-2007 година. Притоа се откриваа културни слоеви во внатрешноста на еднобродната црквичка со присуство на средновековни гробови од XIII век и други движни археолошки наоди. Работите ги изведуваше НУ Завод и Музеј-Охрид, а со археолошките истражувања аководеле Владо Маленко, Милан Ивановски и Сарита Карпузова.

  32. Плаошник 2007 година. Обемни систематски археолошки ископувања на сите простори јужно, западно, северно и североисточно од возобновената Светиклиментова црква Св. Пантелејмон и тробродната базилика околу неа (1999-2002). Овие ископувања се фаза на мега-проектот *Возобновување на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник во Охрид*. Со истражувањата се констатираа културни слоеви од бронзеното време (мат сликаната керамика), железното време (јами со фрагментирана керамика и откриени т.н. *Македонски бронзи*), македонско-хеленистички и римски период (многубројна керамика, мермерна пластика, бронзени статуетки на Дедал, Дионис, Зевс и др.), доцноантички и рановизантиски период (кераника, глеѓосана и др.), ран среден век, развиен среден век, доцен среден век, се до првата половина на XX век. Истовремено се работи и на конзерваторски зафати на откриените мозаични површини на разни места во просторот. Работите ги изведува НУ Завод и Музеј-Охрид со раководителот проф. д-р Вера Битракова Грозданова, а со финансиски средства од Управата за заштита на културното наследство, орган во состав на Министерството за култура на РМ (обезбедени од Буџетот на РМ за 2007, програма 2Б). Овој проект има Одбор за Возобновување на Светиклиментовиот универзитет (претседател е ректорот на Скопскиот универзитет проф. д-р Ѓорѓи Мартиновски). Координатор на проектот е Паско Кузман.

Запишал: Паско Кузман