Почетна :: Атракции во близина
Атракции во близина

Струга – поезија и мостови

Лоцирана на бреговите на Охридското Езеро, Струга е опкружена со мостови, прошарана со воодушевувачка архитектура и поврзана со многу патеки. Реката Црни Дрим тече низ срцето на градот, откако го поминува нејзиниот пат од изворите кај Св. Наум преку Охридското Езеро. Од Струга продолжува преку Албанија до Јадранското Море. Некогаш позната како „Енчалон“ (Јагула), Струга ги пречекува јагулите дури од Саргаското Море. Денес, Струга е подобро позната по интернационалниот годишен фестивал на поезија, „Струшки вечери на поезијата“. Поемите се читаат од мостовите, со тоа збогатувајќи го романтичниот дух наоколу. Струга е родниот крај на најзначајните претставници на македонската културна и национална обнова во 19ти век, браќата Константин и Димитар Миладинов. Од 1962 г. со Константиновата позната поема „Т’га за југ“, традиционално се отвора овој голем поетски фестивал.
А, во планините на север се одржува Вевчанскиот Карневал, каде што сé се движи! Многу други села во планините и покрај езерото нудат незаборавни доживувања за посетителите кои сакаат да го откриваат руралниот шарм на древната земја.

Црквата Св. Георгиј

Изградена во 1835 г. врз уште постара црква од 16ти век, малата црква посветена на Св. Георгиј стои во центарот на Струга. Содржи фрески од крајот на 19ти век, но нејзиното вистинско богатство е малата галерија на икони од 13ти до 19ти век, вклучувајќи ја добро познатата икона на Св. Георгиј насликана во 1267 г.

Природниот музеј

Природниот музеј беше основан во 1928 г. од д-р Никола Незлобински. На почетокот вклучувајќи ја неговата сопствена колекција, музејот сега содржи широк спектар на инсекти, птици, риби и животни од охридско-преспанскиот регион.

Галерија Вангел Коџоман

Вангел Коџоман е еден од најистакнатите современи сликари од Македонија. Неговите слики покажуваат сцени од стари куќи надвиснати над тесни улички и живот кој веќе не постои. Некои од неговите најубави слики се постојано изложени во оваа галерија лоцирана во средината на Струга.

Реката Црни Дрим

Црни Дрим истекува од Охридското Езеро во близина на хотелот „Дрим“ и го продолжува својот пат сé до Јадранското Море. Бреговите на реката се идеално место за романтични прошетки. Секоја година, на крајот од август можете да ги слушнете поетите од целиот свет рецитирајќи поезија на најразлични јазици. Тоа е воодушевувачка прилика.

Пештерска црква Архангел Михаил во Радожда

Во природна пештера на стрмната карпа над селото Радожда се наоѓа црквата посветена на Архангел Михаил, која е една од најстарите пештерски цркви откриени на бреговите на Охридско Езеро. Фреските, насликани на нееднаков ѕид, датираат од крајот на 13ти век. Подробно истражување открива невообичаено убава претстава на Архангел Михаил во композицијата Чудото во Кана.

Пештерски цркви во Калишта

Малата пештерска црква посветена на Раѓањето на Пресвета Богородица, се наоѓа високо во карпите на западниот брег на Охридското Езеро, во близина на селото Калишта и е дел од тамошниот манастирски комплекс. Внатрешноста на црквата е насликана за време на 15ти или 16ти век. Сосема близу, на стрмен гребен кој гледа накај Охридското Езеро, се наоѓа уште една пештерска црква посветена на Св. Атанасиј Велики. Старите фрески во црквата се од втората половина на 14ти или првата половина на 15ти век.

Вишни

Лоцирано во подножјето на планината Јабланица околу 10 км северозападно од Струга се наѓа убавото село Вишни. Опкружено е со шума од букови и дабови дрвја. Пештерската црква посветена на Вознесението Христово се наоѓа на 3 км од селото. Фреските датираат од крајот на 14ти век.

Ранохристијанска базилика во Октиси

Во близина на Вевчани, во планинското село Октиси се наоѓа христијанска базилика од крајот на 5ти или почетокот на 6ти век. Мозаичниот патос на црквата е богато украсен со претстави на елени, коњи, цвеќиеа, дрвја и геометриски орнаменти.

Вевчани

Вевчани е големо село лоцирано 14 км северозападно до Струга. Изградено е на стрмна падина под покривот на планината. Архитектурата во селото е особено привлечна со многуте стари куќи и градби во различни стилови и форми. Звукот на водата може да се слушне, течејќи низ каналите преку селото. Водата доаѓа од познатите Вевчански Извори, чиј тек се движи од 400 до 4000 литри во секунда. Старата воденица сé уште меле пченка, пченица и други разни житарици, кои со векови се присутни во регионот. Одејќи преку богатата ореова шума можете да се искачете до селото Горна Белица.

Вајтош

На означените пешачки патеки над Вевчани се остатоците на стариот римски пат Виа Егнација, кој води преку убавата шума до Вајтош, древно место за одмор кое го користеле трговските патници, на патот меѓу Јадранското крајбрежје и Црното Море. Оттука се опфаќа спектакуларна глетка преку целата долина на Охридското Езеро.

Горна Белица

Лоцирано на 1600 метри над нивото на пораст на дрвјата, и блиску до албанската граница, до селото Горна Белица може да се стигне со автомобил, велосипед, пеш од Струга или искачувајќи се од Вевчани. Тамошната црква Св. Петка е под реставрација. Сопствениците на викендици нудат сместување, а исто така во центарот на селото се наоѓа и хотел.


Мир и природа - Ресен

Извонредната, дива и единствена убавина на пределот на Преспанското Езеро, го привлекла цар Самуил да го изгради своето прво седиште на ова место, на островот Св. Ахил. Езерото се состои од два дела, Мала и Голема Преспа и е дел од општината на Ресен. Овде ќе најдете бескрајни песокливи плажи, планински падини богати со дивеч, чудесни цркви, мир на дива и неоткриена земја а дури и неколку пеликани! Самиот предел е восхитувачки, сигурно би посакале да го посетите Брајчино, едно од најчудесните села, што би ги замислиле.
Градот Ресен за првпат е спомнат како средновековна населба под името Росне во 1337 г. Трансформацијата на оваа главно рурална населба започнала во 19ти век, со развојот на занаетите и до крајот на 19ти век Ресен постанал градска населба со богато место за пазар. Ресен е особено познат по добрите јаболка. Грнчарството се развило во главна индустрија и во 1971 г. била основана керамичка колонија, која продолжува да привлекува посетители од целиот свет. Градот исто така поседува богата музејска колекција полна со археолошки и етнолошки пронајдоци од пределот.

Црквата Св. Илија во Грнчари

Селото Грнчари се наоѓа на подножјето на живописната планина Баба, не далеку од патот кој води од Ресен до Грција. Тука се наоѓа црквата Св. Илија од 13ти век со обновени фрески.

Подмочани

Неверојатно, во куќата на локалниот фармер Јоне Ефтимоски ќе најдете една од најбогатите етнолошки колекции во Македонија. Содржи прекрасни примероци од накит, оружје, стари монети и преку 140 народни носии од цела Македонија. Јоне со задоволство би ве пречекал и би ви раскажал за потеклото на овие разнобојни артефакти.

Езерени

На северните брегови на Преспанското Езеро се наоѓа орнитолошкиот резерват, дом на преку 115 различни видови птици, вклучувајќи и пеликани. Резерватот зафаќа површина од 2080 хектари. Езерени е под заштита на разни интернационални организации меѓу кои и EuoNatur.

Црквата Св. Георгиј во Курбиново

Старата црква посветена на Св. Георгиј е лоцирана во близина на селото Курбиново, скриена во идилична чистинка над Преспанското Езеро. Скромна градба со величествени фрески насликани во 1191 г. Извонредниот ѕиден декор е еден од македонските најдобри примероци на средновековното сликање.

Сливничкиот манастир

Сливничкиот манастир, посветен на Пресвета Богородица се наоѓа три километри од селото Сливница. Манастирскиот комплекс содржи скромна црква, изградена и декорирана во 17ти век и помошни градби, изградени во 19ти век. Фреските, добро зачувани, ги носат стилските карактеристики на фрескописот од почетокот на 17ти век во Македонија.

Брајчино

Лоцирано на источните брегови на Преспанското Езеро, под планината Баба, со црквата Св. Петка од 16ти век, живописното Брајчино има типична селска архитектура на големи куќи со масивни ѕидови направени од зелен гранит, одразувајќи го некогашнот развој на овој плоден земјоделски предел, кога тргувањето со земјоделски добра претставувал главен извор на приход. Брајчинската река истекува преку селото во Преспанско Езеро. Можете да ловите пастрмка во реката, да одите на пикник или да ги посетите старите воденици покрај реката.

Љубојно

Во близина на селото Брајчино се наоѓа уште едно впечатливо село, во кое комбинирана е селската со градската архитектура. Во ридот над селото изградени се две цркви посветени на Св. Петар и Св. Павле.

Островот Голем Град

Археолошките ископувања покажале дека островот бил населен од хелинистичкиот период до средновековно време. Траги од различни историски периоди може да се најдат на островот, вклучувајќи и две цркви од 14ти век, Св. Петар и Св. Димитриј. Денес островот не е населен. Како дел од националниот парк Галичица, неговиот редок растителен и животински свет, што со векови е зачуван, е под заштита. Богатство на овој регион се птиците, кои се темел за постоењето на Преспа Парк.

Коњско

Селото Коњско е лоцирано на Преспанското Езеро во близина каде што границите на Македонија, Грција и Албанија се пресекуваат. Во селото се наоѓаат заштитените остатоци од древна населба, а во близина е една од најубавите плажи на езерото со малата пештерска црква Св. Илија.

Отешево

На западниот брег на Преспанското Езеро во средина на богата шума се наоѓа Центар за респираторни заболувања, Отешево. Центарот ги користи одличните природни услови како што се високата надморска висина, чистиот воздух и многуте сончеви денови.