Почетна :: Ракотворби
Ракотворби

Луѓето од Охрид поседуваат посебен уметнички дух и како одговор на тоа бројни ракотворби и занаети со векови се развивале тука. Денес сé уште се изведуваат овие традиционални умешности, притоа зачувувајќи го изворниот начин на творештвото.
Резбарството датира од 13ти век. И покрај отсуството на формално школо, старите резбари сé уште работат и им ги пренесуваат своите вештини на младите ученици.
Во нивните продавници во Охрид и Струга, можете да ги гледате мајсторите како ги создаваат убавите филигрански дела. Во Ресен можете да ги набљудувате грнчарите работејќи традиционално на грнчарско тркало. Исто така можете да ги посетите бакрорезачките и чевларските работилници и да ги гледате вештите раце на занаетчиите како ги обликуваат своите производи.
Светски познатиот Охридски бисер се изработува од крлушките на плашицата. Вештините за тоа остануваат тајна семејна традиција која се наследува од генерација на генерација.
Можете исто така да ги посетите ателјеата на современите уметници, кои паралелно на традиционалните уметности, додаваат разновидност на веќе богатиот уметнички израз на овие простори.

Охридски бисер

Тајна која грижливо се чува скоро еден век. Тоа е светлината и уникатноста на единсвениот Охридски бисер,накит по кој градот охрид е исто така надалеку познат. Во Охрид на старата чаршија и денеска ке слушнете испреплетени приказни како настанал бисерот. Семејствто Талеви се смета за едно од ретките кои ревносно ја чува традицијата и уникатниот рецепт како се изработува овој прекрасен и уникатен накит.

Тајната приказна за потеклото на бисерот тргнува од крлушката на Охридската риба – плашица, но начинот на обработка и рецептот за глазурата е семејна тајна која се пренесува само на машките поколенија.

Познато е единсвено дека далечната 1924 година рецептот бил купен од руски војник кој престојувал во Охрид, а материјалот за изработка на бисерот семејството Талеви го донело од Витлеем.

Прекрасниот бисер во својата убавина несомнено ја носи и тајната приказна за тоа како се изработува.

За Охридскиот бисер упатените ке ви кажат дека трае вечно.

Многу светски познати личности не му одолеале на сјајот на Охридскиот бисер. Англиската кралица Елизабета, поранешната министерка за надворешни работи на Шведска Ана Линд и на Бугарија Надежда Михајлова како и многу други познати имиња.

Работилници на Охридскиот бисер

Семејство Талеви

Oд 1924 година семејството Талеви изработува охридски бисери. Тајната на подготовката на емулзијата се пренесува од татко на син. Емулзијата со која се премачкува зрното на охридскиот бисер е од природно потекло и се прави со извлекување на среброто од крлушките на плашицата. Климент Талев е второ колено на семејството Талеви кое се занимава со изработка на охридски бисер. Неговиот син Ване е третото, а внуците Климент и Михајло се четвртото колено. Талеви се особено горди што англиската кралица Елизабета II ги носи охридските бисери специјално изработени токму во нивната работилница.

Семејство Филеви

Mеѓу претендентите на титулата „крал на охридските бисери” со семејна традиција од 1928 година, спаѓа и семејството Филеви, кое се занимава со изработка на охридскиот бисер. Во далечната 1928 година Михајло Филев ја дознава тајната за изработување бисери, од крлушките на плашицата, ендемичен вид риба во Охридското Езеро. Семејството Филеви започнува со изработка на бисери пренесувајќи ја вештината од колено на колено. Повеќе од 80 години бисерниот накит на Филеви како водечки сувенир во градот Охрид, усовршуван од секоја нова генерација, станува дел од колекциите на многумина во Македонија и низ светот.

Охридски филигран

Прегледот на светилиштата и култните места на Охрид секако не би можел да биде комплетиран без кажувањето за Вангел Деребан, чија филигранска работилница е жив музеј на овој традиционален начин на изработка на накит.
Кујунџиството, односно филигранот е повеќевековна традиција и во Охрид и во Струга. Во семејството Деребан како и во другите семејства кои се занимаваат со кујунџиство, занаетот се пренесува од татко на син. Вангел Деребан со голема љубов ја негува оваа традиција.


Резбарство

Македонското дрворезбарство својата кулминација ја достигнува во првата половина на XIX век со изработката на иконостасите во црквата Св. Спас во Скопје и во манастирот Св. Јован Бигорски во долината на реката Радика. Во тоа време покрај Петар Филиповски од селото Гари, најпознати резбари биле неговиот брат Марко и Макарие Негриев Фрчковски, коишто подолго време работеле заедно.

Во Македонија, XIX век станува век на македонските селани - резбари и зографи. Здружени во бројни тајфи напролет ги напуштале селата Галичник, Лазарополе, Гари, Осој и Тресонче, и оделе на печалба низ целиот Балкан. Во доцнежната есен се враќале на падините на Бистра и другите планини по долината на реката Радика.

Македонските резбари од околината на Дебар со иконостаси во резба ги украсиле и охридските цркви Св. Богородица Болничка и Св. Богородица Каменско, кои се вбројуваат во позначајните остварувања. На иконостасите како ретко кои во уметноста на христијанскиот Исток, резбарите длабоко навлегувале во срцето на дрвото барајќи го неговиот најмелодичен јазик. Тие со своите глета ги откривале чудесните форми на масивните столбови во ореово дрво и во нив ги замислувале и изведувале сцените од Стариот и Новиот Завет.

Во почетокот на XIX век македонските селани од падините на планината Бистра и долината на реката Радика оставиле високи уметнички резбарски дела кои се сочувани до наше време.

Во периодот пред и по Првата светска војна изработувањето на резба во дрво почнало брзо да опаѓа. Со цел да ја обнови оваа уметничка дејност, академскиот вајар Бранислав Јованчевиќ во 1928 година ја формирал уметничката дрворезачка школа во Дебар. Оваа школа во 1930 година била преселена во Охрид. По Втората светска војна во Охрид е формирано училиште за резбарство, кое подоцна е префрлено во Скопје како отсек на тамошнато училиште за применета уметност.

Резбарството во Охрид доби нов полет во годините на втората половина на XX век. Така во текот на повеќегодишната работа на Ателјето за уметничка резба "Андон Дуков" во Охрид, некогашните ученици на школите за резбарство во Дебар и Охрид како вистински продолжувачи на богатите резбарски традиции во Македонија, изработија повеќе дела од исклучителна уметничка вредност.

Во Охрид живеат и работат последните генерации на резбари во првите години на XXI век: Ајри Доко, Љубен и Сашо Џамбазови, татко и син, Димче Јанко, Кочо Аиноски и други следбеници на резбарската традиција во Македонија.

Школа за византиско сликање

Oхрид низ вековите бил град со богата средновековна сликарска традиција. Охрид покрај Синај и Атос располага со најголема колекција на византиски икони од XI до XIX век. Охридската колекција изложена во Галеријата на икони во музејскиот комплекс на црквата Св. Богородица Перивлепта ја сочинуваат над 30 икони со врвни уметнички квалитети. Повеќето икони настанале во охридските сликарски работилници, а некои во текот на вековите како подароци биле испраќани од Цариград или од Солун.

Скоро сите икони на сегашната охридска галерија создадени до XV век се издвојуваат со своите исклучителни колористички решенија и со убавината на сликарската обработка. Тие како да се исткаени со префинети односи на златна, виолетова и сина боја и жолти тонови без ни еден акцент, кој би го нарушувал колористичкото единство на целината. Некои од овие икони биле работени за литии, така што се сликани од двете страни. Литиските икони на охридската збирка спаѓаат меѓу најдобрите дела на оваа колекција на византискиот иконопис. Охридските икони се дела на зографи на различни генерации и на припадници на сите можни постојни правци на византиското средновековно сликарство во распон од повеќе векови. Тие се работени во разни техники. Најбројни се иконите сликани со темпера на штица, а ретки се оние што биле изработени во мозаична техника, исчукани како релјефи во сребро или резбани во дрво.

Повеќемина сликари на охридските фрески паралелно работеле и икони за овдешните цркви. Иако зоографите не ги оставиле своите потписи, денес со голема сугурност може да се следи работата на одделни сликари кои паралелно работеле и фрески и икони. Во подоцнежните времиња, охридските зоографи сликајќи икони како мостри ги користеле ликовите на фреските во Св. Богородица Перивлепта од XIII век.
Со сребрени опкови се украсени десетина икони на охридската колекција. Овие опкови имаат исклучително значење за запознавање на применетата уметност во средниот век, а посебно за проучувањето на дејноста на средновековните уметнички работилници. На опковите на охридските икони се прикажнани минијатурни ликови на светители и пророци минијатурни композиции на Стариот и Новиот Завет, симболите на Евангелистите како и растителни и геометриски орнаменти. Опковите на охридските икони се дела на уметничкото занаетчиство од XI век наваму. Високите уметнички вредности на овие сребрени опкови се содржани во прецизната обработка на минијатурните релјефи. Нивните творци биле уметници со најголеми креативни можности на своето време.

Денешната колекција на охридските икони е комплетирана по Втората светска војна. Посебни заслуги за тоа му припаѓаат на сликарот и конзерватор Здравко Блажиќ. Тој повеќе охридски икони нагризани од црвојадина, поцрнети или подоцна невешто досликувани ги затекнал пред неповратно уништување. Сликарот Блажиќ по деталниот преглед констатирал дека најголем непријател на дрвото на кое било сликани овие икони бил еден вид црв познат под називот “Anobium”. Ова црвче иконите ги нагризува до таа мерка, што внатрешноста на дрвото станува како сунѓереста материја. Затоа требало да се пристапи кон нивна замена на дотраеното дрво и на тој начин на охридските икони да им се продолжи векот на траењето. Црнилото од чадот впиен од лакот, повеќе не овозможувал да се распознаат боите на вистинските ликовни квалитети на некои од најзначајните охридски икони. Во ваква состојба била и прочуената икона на апостол Матеј од XIII век, како и уште попрочуената двојна икона Богородица Психосотрија (душеспасителка) односно спротивната страна на оваа икона на која е насликана композицијата Благовештение.

Повеќе охридски икони подоцна засекогаш исчезнале. Голем број икони од Охрид се наоѓаат во разни музеи и збирки. Меѓутоа, денес тешко може да се утврди колку икони се наоѓаат во други колекции. Исто така тешко може да се утврди колку икони имало во Охрид во времето кога Климентовиот град го доживеал својот уметнички просперитет. Иконостасите на охрдските цркви биле обновувани. Старите икони отстапувале место на икони од понов датум.

Во соработка со сликарот Владислав Коцарев (kocarevicon@yahoo.com) во Охрид, во 2005 се отвори школа за византиски иконопис. Сите љубители на средновековната уметност во текот на десетдневен почетен курс со теоретски и практични предавања на сликањето на икони од овој реномиран академски уметник, имаат можност да изработат икони на изворниот византиски начин и да ги понесат и како свои сувенири од Охрид.

Бакрорез

Семејната традиција на изработка на производи од бакар на Маринови од Охрид, трае девет децении. Во 1914 година во Охрид беше основана бакрорезачката работилница. Славе Маринов како трета генерација и ќерката Марија Маринова како четврта генерација во овој занает успешно ја спроведуваат вековната традиција: ги изработуваат предметите и накитот од бакар и месинг со рачна гравура и со чукање.

“Металната опсесија” на Анастас Дудан

Вештината да се презентира уметничкиот израз на металната подлога во охридскиот културен ареал е стара повеќе од 2600 години.
Луѓето од “Требенишкиот” културен круг, уште во шестиот век пред Христовата ера, со особена инветивност создавале дела, кои денес ги возбудуваат консументите на уметничките дејства што зрачат од старите експонати. Охриѓанецот Анастас Дудан со своето “метално” творештво, реминисцентно ги оживува старите творби, трудејќи се да ја достигне идентичноста на уметничките вредности на старите мајстори.
Неговата појава како автор на уметнички дела, изразени на метал, не е единствена во Охрид, но затоа, пак, тој единствено постигнува тематски особини резултати со “обновување” на исклучителните вредности од македонското средновековно иконописно милје, пренесувајќи ја идентичноста на делата преку ковање и исчукување на металните основи. Завидни резултати Дудан постигнува, особено, пренесувајќи го своето технолошко знаење при обработката на орнаменталните украси, со какви се закитени средновековните икони од познатата Охридска колекција и исто така пресоздавајќи ги илуминаторните уметнички вредности, познати од старомакедонските ракописни творби, со творечка вредност, која новото дело го презентира преку својата креативна душа.

Кожарство

Во старата охридска чаршија се наоѓа познатата работилница на браќата Ѓорѓи и Милчо Белеви за рачно производство на кожни предмети. Уживаат голема популарност во Холандија и секоја година гостите од оваа држава ја посетуваат работилницата и како сувенири купуваат кожени опинци и други производи.

Рачна изработка на хартија

Традицијата за изработка на хартија во Македонија постои од втората половина на 16ти век, во манастирскиот комплекс „Св. Наум Охридски“. Хартијата се употребувала за интерни потреби во ограничена количина.
Започнувајќи со работа од 23.10.2002, Националната работилница за рачно-изработена хартија „Св. Климент Охридски“, Охрид ја продолжува оваа традиција.

Работилницата е лоцирана во прекрасниот дел на стариот град, веднаш до Народниот музеј – Куќата на Робевци.