Почетна :: Културно наследство
Културно наследство

Антички Театар

Првите податоци за постоењето на овој театар, во литературата се јавуваат кон крајот на XIX век и во почетокот на XX век. Античкиот театар бил изграден пред два милениуми, во периодот на доцнежниот хеленизам, а бил преадаптиран веднаш по римските освојувања на овие краишта.


Самуилова Тврдина

Најстариот историски податок за Охридската тврдина е од III век пр. н.е. (209 година) каде што се спомнува како тврдина на градот Лихнид.

Ја споменува античкиот историчар Ливиј, додека најстариот поопширен опис за тврдината датира од 478 година од хроничарот Малк (Малала), кој ја опишува како силно утврдување кое не можел да го освои остроготскиот крал Теодорих. Охридската тврдина е еден од најголемите средновековни градови на територијата на Република Македонија. Со своите утврдувања и ѕидини го зафаќа целиот охридски рид. Од сите страни, со исклучок на јужната, која е свртена кон езерото, ритчестиот дел на градот бил заштитен со високи ѕидови и кули во должина од три километри, сè до близината на охридското пристаниште. Во стариот дел на градот се влегувало низ три порти, од кои зачувана е само Горна порта.

Тврдината, покрај функцијата за одбрана од непријателот, служела и за живеење. Таа е позната под називот Самуилова крепост. По епохалните археолошки откритија на археологот Паско Кузман, убедливо е потврдено дека на теренот во рамките на Самуиловата тврдина, во ритчестиот дел на Охрид, се поврзани неколку десеттици векови и тоа во три периоди - Предсамуиловиот, Самуиловиот и Постсамуиловиот период.

За време на владеењето на цар Самуил од 976 до 1014 година и неговите наследници до 1018 година, Охрид бил престолнина на Првата држава на македонските Словени. Тогаш обновената тврдина го зачувала својот монументален урбанистички костур. Пред и по цар Самуил и неговите наследници тврдината била урнувана и обновувана.


Ранохристијанска Епископска Црква

Во ритчестиот дел на Охрид во месноста Плаошник (настарословенски јазик значи зарамнето место на рид) се наоѓа монументална ранохристијанска црква, чие систематско археолошко ископување започна во 1961 година, а заврши во 1964 година. Храмот бил изграден и декориран во V век, во времето кога Лихнид бил значаен ранохристијански центар на лихнидските епископи. Бил подигнат во поликонхален облик (облик на лист на детелина) врз темели на една постара античка градба. Во централниот дел и во крстилницата на оваа ранохристијанска црква се пронајдени мозаични композиции со флорални, зооморфни и антропоморфни фигуративни претстави.

Во големиот мозаичен комплекс зачувани се околу стотина квадратни метри. Сводовите на овој храм биле украсувани со мозаици кои имале златна основа. Присуството на ваквиот раскош може да се толкува и со тоа што во овој храм било седиштето на Лихнидската епископија.

Систематските ископувања покажаа дека црквата имала огромни димензии. Непознатите сликари ја украсиле со извонредни мозаици.


Климентовиот Манастир на Плаошник

Во близина на ранохристијанската епископска базилика во месноста Плаошник, на 11 август 2002 година свечено беше осветен новоизградениот храм Светите Климент и Пантелејмон.

По 530 години овде повторно се пренесени моштите на св. Климент Охридски, прв словенски епископ во 893 год. и основоположник на Македонската православна црква. Овде се наоѓала Охридската школа, жариште на словенската писменост, духовност и култура.

Новоизградената манастирска црква Светите Климент и Пантелејмон според проектот на Тања Паскали од Заводот и Музеј на Охрид.

Археолозите на Заводот и Музеј Охрид, планираат во Плаошник да ги продолжат ископувањата во текот на XXI век. Тие овој комплекс го сметаат за еден од најзначајните археолошки локалитети во Охрид и во Македонија и за едно од најсветите места кај целиот словенски род.

Плаошник во Охрид е археолошки локалитет кој припаѓа на разни периоди кои можат да се поделат на: Климентов, Предклиментов и Поклиментов период.

Завршните ископувања во Плаошник во Охрид, археологот Маленко ги започна есента 1999 година по отстранувањето на остатоците на Имарет џамија. Целта беше да се овозможат услови за возобновувањето на Светиклиментовиот храм. Тогаш беше откриена крстилницата на петтокорабната базилика со кукасти крстови (свастики) на мозаичните подови кои потекнуваат од периодот меѓу IV и VI век. Се претпоставува дека оваа ранохристијанска базилика во Плаошник врз која бил изграден Климентовиот манастир во IX век била посветена на апостол Павле. Во Лихнид, денешен Охрид апостолот Павле христијанството го проповедал во I век од нашата ера.


Наумовиот Манастир Свети Архангели

Наумовиот манастир и црквата Свети Архангели, како и Климентовиот манастир и црквата Свети Пантелејмон во Охрид се првите споменици на словенската црковна архитектура и уметност во охридскиот крај. Градена со основа во облик на триконхос (лист на детелина), Наумовата црква му припаѓала на оној правец во средновековната архитектура кој бил применуван во периодот кога дејствувале св. Климент и св. Наум на денешната територија на Република Македонија, а и пошироко на подрачјето на Балканот.

По откривањето на остатоците од првобитната црква, што била изградена во IX век, проф. Димче Коцо во 1955 година ја расветли загатката на Наумовиот манастир. Првобитната црква во турскиот период била урната. Ископувањата овозможија да се дознаат интересни податоци за доградувањата и преградувањата во текот на изминатите векови. Утврдено е дека промените во изминатиот период биле од таков карактер што наполно го измениле изгледот на Наумовата црква.

Остатоците од првобитната црква, по археолошките ископувања и извршената конзервација, повторно беа затрупани. Над нив е направен нов под, на кој основата на првобитната Наумова црква е означена со црн и бел мермер. Врз темелите на првобитната црква, меѓу XVI и XVII век, била изградена денешната црква, доградувана и проширувана во неколку фази. Во втората половина на XVIII век била изградена куполата над припратата на црквата, а последното значајно обновување било извршено кон крајот на XVIII век, односно во 1799 година, кога бил изграден гробот во Наумовата црква.


Црквата Света Софија

Црквата е посветена на Св. Софија односно на Христос како боженствена премудрост. Подигната е врз темели на стара сакрална градба во времето по големата мисија на св. Кирил и св. Методиј, кога македонските Словени го примиле христијанството на словенски јазик. Најверојатно е дека Св. Софија служела како катедрала во времето на цар Самуил, кој кон крајот на X век, ја пренесол својата престолнина од Преспа во Охрид.

Надворешниот облик на Света Софија, која долго била соборна црква на Охридската архиепископија, е даден во облик на буквата „Т”, со заеднички надолжен и попречен двосливен покрив. Црквата првобитно имала едно главно кубе, галерии на бочните страни и висока камбанарија над западната фасада, кои подоцна биле урнати. Двете мали кубиња кои се наоѓаат над надворешната припрата, како и самата припрата со галеријата на катот, се изградени во почетокот на XIV век.

Денешниот изглед на црквата е трикорабна базилика со тристрана олтарска апсида и со полукружни апсиди во ѓакониконот и проскомидијата. Градена е од тули, бигор и камен. Над ѓакониконот и проскомидијата се наоѓаат две капелички изградени во XII век во Комненовиот период. Подоцна е доградена припратата на кат, кога во исто време кон средината на XIV век била изградена капелата посветена на свети Јован Претеча. Надворешната припрата со галеријата пак била изградена во 1313 година, за време на охридскиот архиепископ Григориј, што е забележано во натписот од тули кој се наоѓа од едниот до другиот крај на западната фасада, која се смета за ремек-дело на средновековната архитектура.


Црквата Света Богородица Перивлепта

Според натписот над влезната врата од внатрешниот дел на припратата, црквата била изградена под името Света Богородица Перивлепта (Преславна) во 1295 година од византискиот војсководач Прогон Згур, роднина на Андроник II Палеолог. По претворањето на Света Софија во џамија, Св. Богородица Перивлепта станала соборна црква на Охридската Архиепископија.

Поради својата исклучителна архитектура и фрески, црквата Света Богородица Перивлепта спаѓа меѓу најзначајните средновековни споменици во Македонија. Фреските се дело на сликарите Михаило и Евтихиј, истакнати средновековни зографи, чие создавање може да се следи цели триесет години. Со ова ѕидно сликарство се дадени основите на новиот правец во византиската уметност - Ренесансата на палеолозите.

Црквата Света Богородица Перивлепта е градена во облик на впишан крст. Како градежен материјал главно биле употребувани тули и бигор, со чие вешто редење е добиен редок впечаток на хармоничност и полихромија со што оваа црква се издвојува меѓу византиските и македонските споменици на XIII век. А тоа и дава значајно место во средновековната архитектура.


Црквата Свети Јован Богослов на Канео

Градена е и сликана кон крајот на XIII век. Ктиторот на црквата и сликарите на фреските не се познати. Архитектурата е мошне значајна за проучувањето на средновековните споменици на Охрид, затоа што претставува успешна комбинација од византиски и ерменски елементи.

Црквата се наоѓа на едно од најубавите места на брегот на Охридското Езеро. Изградена е на висока стена во стариот дел на Охрид, над некогашната рибарска населба Канео (на латински значи: се белее, блескоти). По називот на населбата Канео е позната и средновековната црква Св. Јован Богослов од XIII век.

Првобитниот изглед на црквата Св. Јовен - Канео, еден од симболите на древниот Охрид, е вратен по конзерваторските работи во 1963 и 1964 година, кога беше урната припратата со камбанаријата, кои беа доградени во XIX век. Тогаш беа откриени фреските во кубето.

Фреските се зачувани во кубето и во олтарниот простор. Тие прилично се оштетени. Причина за тоа е што, црквата подолг период меѓу XVII и XIX век била делумно разурната и напуштена. Тогаш поголем дел од фреските биле уништени и засекогаш загубени.


Црквата Свети Никола Болнички

Оваа црква е интересна поради архитектурата и фреските. Во нејзиниот двор се наоѓаат остатоци од градските ѕидини, кои од Самуиловата крепост се спуштале до Охридското Езеро. Црквата има полукружен свод. На западната страна се наоѓа единствената камбанарија во Македонија, изградена под влијание на архитектурата на брегот на Јадранското Море.


Црквата Света Богородица Болничка

Изградена и првпат декорирана околу 1368 година. Денешниот изглед, веројатно, го добила во XIV век. Вторпат била декорирана кон крајот на XIV век. Тогаш биле насликани фреските на сводовите. Третпат ѕидната декорација била изведена во XIX век. Иконостасот, кој е богато украсен со стилизирани цвеќиња со плодови, со птици и со други мотиви е работен во 1833 година. Дело е на македонскиот резбар Никола Дарковски Краџовиќ од Лазарополе.


Црквата Св. Никола Чудотворец-Челнички

Oваа црква меѓу жителите на стариот дел на Охрид е повеќе позната како Св. НиколаЧудотворец - Челнички. Се наоѓа во близина на Св. Богородица - Челница. Изградена е врз остатоци на ранохристијански храм.

Била обновувана и сликана со фрески во текот на повеќе векови. Се вбројува меѓу ретките галерии, каде е сочувано ѕидно сликарство во фрагменти во распон од XI до XIV век и натаму.

Пет години од 2000 до 2005 година во оваа црква се вршеше откривање и конзервација на бројните фрагменти на фрескосликарството кое настанало во период од повеќе векови.

Ленче Мојсоска, историчар на уметност и кустос на Народниот музеј во Охрид и Љупчо Десковски, конзерватор, го извршија ова значајно откритие на средновековното уметничко богатство на древен Охрид.


Исламски Споменици

Прочуениот турски патеписец Евлија Челебија во 1670 година дава опширен опис на Охрид. Градот го опишува како развиено, богато и големо трговско место. Го споредува со тогашен Дамаск и Каиро и со другите градови на Блискиот Исток и во Отоманската Империја. Охрид имал неколку убави и големи џамии. Меѓу нив Челебија ја споменува Аја Софија (катедралната Св. Софија), потоа џамијата Охризаде или Царската џамија во стариот ритчест дел на Охрид, позната под името Имарет џамија.

Куќите на македонското население во стариот дел на градот биле убави и мајсторски градени, скалесто една врз друга и свртени кон езерото.

Климентовата манастирска црква Св. Пантелејмон во месноста Плаошник, под Самуиловата крепост, била претворена во џамија. Џамијата Имарет, како своја задужбина ја изградил Синан (Јусуф) Челеби, припадник на угледниот турски род Охризаде. Оваа џамија повеќе не постои. Врз археолошките остатоци на најстариот словенски манастир Св. Пантелејмон, кој во 893 година го изградил св. Климент Охридски, се наоѓа новоизградениот храм, Климентовата манастирска црква Светите Климент и Пантелејмон, која на 11 август 2002 година, свечено беше осветена.

Возобнувањето на Климентовата манастирска црква Светите Климент и Пантелејмон е извршено врз остатоци на оригинални ѕидови од сите градежни фази на црквата од IX до XIV век и остатоци на џамијата Султан Мехмед од крајот на XV век. Како граница меѓу обновените и оригиналните ѕидови при градењето е поставена оловна лента од внатрешната и надворешната страна на ѕидовите.

Во непосредна близина на возобновената манастирска црква на Светите Климент и Пантелејмон, се наоѓа турбето во кое Синан (Јусуф) Челеби бил погребан во 1493 година.

Охридските џамии се изградени во рамничарскиот дел на градот, каде што во турскиот период минувале караванските патишта кон Драч (кон Јадранското Море) и кон Солун (кон Егејското Море). Ајдар - пашината џамија, која се наоѓа на улицата „Гоце Делчев” (на стариот пат од Охрид кон Струга) е најстарата охридска џамија. Како своја задужбина ја изградил во 1490 година Ајдар - паша, по кого го добила името. Тој во неа е и погребан. Овде во XIX век имало медреса - муслиманско верско училиште.

Во рамките на крстопатот кај Чинарот, се наоѓа Теќето на охридските дервиши од редот на Халветите. Во 1590 година џамијата на ова место, како своја задужбина, ја изградил Зејнел Абедин - паша, која го носи неговото име. Инаку првиот шех (поглавар) на охридските дервиши бил Хаџи Мухамед Хајати, по потекло од Персија. Неговиот гроб е на челно место во турбето кое се наоѓа во состав на денешното теќе.

Од Чинарот, на почетокот на улицата „Св. Климент Охридски” во чаршијата, над бројните дуќанчиња, доминира кубето на Али – паша џамија, изградена во 1573 година од Сулејман паша. Во 1823 година била извршена адаптација од страна на везирот Али - паша, чие име го носи и денес. Во првите години на XXI век, врз оваа џамија во Охрид беа вршени нови градежни адаптации.


Католичка Црква

Во новиот дел на Охрид во близина на крајбрежјето на Охридското Езеро до хотелот „Палас”, се наоѓа новоизградената католичка црква која им е посветена на тројца заштитници на Европа, словенските апостоли браќата св. Кирил и Методиј и св. Бенедикт.

Изградена е во 2001 година. Олтарската слика на која се прикажани светителите Кирил и Методиј и св. Бенедикт, е дело на италијанскиот сликар професор Винченцо Бианки. Во овој католички пасторален центар се врши секојдневна црковна служба.

Надбискупот Алоиз Турк на Свети Духови на 18.05.1985 година, на првата страница на еден молитвеник, кој како документ се наоѓа во новата католичка црква во Охрид, ќе запише: „Овај молитвеник, потпишаниот и го подарува на капеличката црква Св. Кирил и Методиј во Охрид, која ја купи и уреди во 1939 година по желба на тогашниот скопски бискуп д-р Јанез Гнидовец за сегашните бројни католици, а и како спомен на словенските благовесници – светите браќа Кирил и Методиј, нивните ученици Климент и Наум, а исто така и на некогашната охридска католичка надбискупија, која практично исчезна 1656 година со преместувањето на Андреа Богдани во Скопје, која тогаш стана надбискупија и беше сè до 1924 година”.

Одбрани слики
forward_arrow back_arrow