Почетна :: Историја
Историја
Град - споменик на светската историја

Бреговите на Охридското Езеро биле населувани уште од прастари времиња. Археолошките податоци говорат за населби од неолитскиот период (младото камено време), 6000 години пред нашата ера. Од ова време, во рамничарскиот дел на Охрид, во неговото северно предградие Долно Трново, откриена е неолитска населба со богат археолошки материјал. Археолошките наоди од мај 2006 г. (на археологот Паско Кузман), потврдуваат дека на Езерското крајбрежjе во центарот на Охрид имало праисториски наколни живеалишта. Според археолошките остатоци на наколната населба откриена на просторот меѓу туристичкото училиште и населбата „Охридати”, ова праисториско живеалиште, според археологот Паско Кузман, истражувач на Охрид, егзистирало околу 5000 години пред новата ера, што значи дека е старо околу 7000 години. Според историските извори, први познати жители во областа на Охридското Езеро биле Бригијците (Фригијците) и Енхелејците, од коишто подолго време доминирале Енхелејците. Овие пак, според Херодот и Аполодор, не биле Илири туку нивни најблиски соседи. На овој простор подоцна се спомнуваат Десаретите, а градот Лихнид како главен град на областа Десаретија.

Повеќе векови од I милениум пред нашата ера, на десетина километри северно од Охрид, во близина на денешниот меѓународен Аеродром, егзистирала моќна населба со непознато име, на која í припаѓа богат археолошки материјал (златни маски, златни сандали, златни нараквици, бронзени кратери и др.), од кнежевските гробници на надалеку прочуената некропола „Требениште”.

Настанувањето пак, на античкиот град Лихнид (во превод значи „Град на светлината”), односно денешен Охрид се поврзува со легендата за Фениќанецот Кадмо, кој прогонет од Теба во Беотија, пребегал кај Енхелејците и на брегот на Охридското Езеро го основал градот Лихнид.

Кон средината на IV век пред новата ера, градот Лихнид (некогашен назив за Охрид) и населбата покрај брегот на Охридското Езеро ги зазел Филип II Македонски. По освојувањето пак, на овие краишта од Римјаните во 148 година пред новата ера, бил изграден патот Виа Игнација, кој преку Лихнид, г поврзувал денешен Драч со Солун и со Цариград. Со навлегувањето на христијанството, кое овде почнало да се шири од крајот на III век, античките храмови биле разурнати и заменети со многубројни монументални ранохристијански цркви, чии остатоци се откриени на повеќе места во Охрид и во неговата околина. Прв христијански мисионер во Лихнид бил Еразмо од Антиохија, а пишуваните извори говорат дека овој град во V век бил седиште на лихнидските епископи.

Во VI век Лихнид се наоѓал во рамките на Византиското Царство. Тогаш преку реката Дунав на Балканскиот Полуостров продреле Словените. Кај Лихнид се појавило и населило словенското племе Брсјаци.

Првпат називот Охрид се споменува во протоколот на Цариградскиот собор во 879 година. Се смета дека градот ова име го добил од словенските зборови „во хрид” - на рид, бидејќи стариот дел на Охрид се наоѓа на рид.

Свети Климент и свети Наум, најпознатите ученици на браќата Кирил и Методиј од Солун, по нивната мисија и прогонството од Моравија, дошле во Охрид. Најпрвин Климент (во 886 година), а потоа и Наум (во 893 година) пристигнале во областа Кутмичевица, која се наоѓала на тромеѓата на денешна Република Македонија, Албанија и Грција, и ги опфаќала Охрид и исчезнатите градови Девол и Главеница. Охрид станал центар на Охридската книжевна школа.

Св. Климент минал 30 години меѓу македонските Словени. Од неговата манастирска црква Св. Пантелејмон (изградена во 893 година), излегле 3500 ученици. Тие ја ширеле словенската писменост и култура, црковното пеење и уметноста во повеќе словенски земји сè до Киев (средновековна Русија). Кон крајот на IX и почетокот на X век биле положени темелите на словенската писменост, духовност и култура. Охрид бил центар на словенската писменост, духовност и култура. Заслужено место во ширењето на словенската духовност во Европа и во светот има Охрид, особено во евангелизацијата на словенскиот христијански Исток која започнува токму на бреговите на Охридското Езеро со дејноста на св. Климент Охридски и св. Наум Охридски. Евангелизацијата на словенскиот Исток со словенски зборови и со словенско богослужение тргнала од Охрид. Се шири преку бугарскиот Преслав до Киев и Москва, па сè до Далечниот Исток во Азија, до крајбрежјето на Тихиот Океан, од Владивосток на југ до полуостровот Камчатка, на север во денешна Русија. Долго по смртта на Климент (916 година) и Наум, (910 година) Охридската книжевна школа била расадник на значајни ракописи за славистиката и историјата на уметност. Оваа книжевна школа, која на македонскиот терен дејствувала од IX век, била верен приврзаник на глаголицата. За нејзината дејност можат да се поврзат некои од најзначајните словенски ракописи, создавани до XII век, кога глаголицата била заменета со кирилица.

Во Охрид се создава црковно седиште кое го надминува Самуиловото Царство за повеќе векови и кое во историјата на јужните Словени има извондрена улога. Почетоците на Самуиловото Царство, Првата држава на македонските Словени, се поврзани за краиштата околу Охрид. Овде во втората половина на X век, под водство на брсјачкиот кнез Никола и неговите синови Давид, Арон, Мојсеј и Самуил, избувнало вооружено востание, најпрвин против Бугарија (969 година), а потоа и против Византија (976 година). На чело на македонската средновековна држава застанал цар Самуил, по кого го добила и името. Јадрото на ова царство го сочинувала Македонија. Околу четири децении од Самуиловото владеење се исполнети со борби со Византија и со освојувања. Цар Самуил ги проширил границите на својата држава до реките Дунав и Сава, до Коринтскиот Залив и до Јадранското Море. Најпрвин Преспа, а потоа и Охрид, за време на владеењето на Самуил од 976 до 1014 година и неговите наследници Гаврил Радомир и Јован Владислав до 1018 година, биле царски престолнини.

По поразот на цар Самуил на планината Беласица во 1014 година, византискиот цар Василиј II заробил 14 илјади негови војници кои откако ги ослепил, оставајќи на секој стотти по едно око, ги испратил кај нивниот цар. Набргу потоа, наследниците немоќни да го одржат, Самуиловото Царство во 1018 година било дефинитивно покорено. Цар Василиј II го зазел Охрид и ги разурнал градските бедеми. Царското семејство било одведено во ропство. Охридската патријаршија пак била сведена на ниво на архиепископија. Периодот на Охридската архиепископија, под чија власт се нашла огромната територија на Балканот, од реката Дунав до бедемите на градот Солун и до Јадранското Море, во средновековната историја на Охрид, претставува посебно поглавје со повеќекратно значење.

Цариградскиот двор, со желба да ги задржи македонските Словени под свое влијание, на чело на Охридската архиепископија ги поставувал највлијателните и најспособните црковни великодостојници: писатели и филозофи, учени богослови и поети. Така, средновековниот Охрид станал значаен центар кој ги привлекувал најпознатите тогашни сликари и градители. Во XI век за охридски архиепископ бил назначен Лав, еден од најистакнатите поборници на православието. Според замислата на архиепископот Лав била обновена и декорирана охридската катедрала Св. Софија. Кон крајот на XI и во почетокот на XII век, охридски архиепископ бил истакнатиот писател и беседник Теофилакт, автор на Пространото житие за св. Климент Охридски. Во втората половина на XIII век за охридски архиепископ бил назначен Константин Кавасила, автор на поетски состави во слава на св. Климент Охридски и единствен меѓу охридските архиепископи, кој во овдешните цркви бил сликан како светец.

По заземањето на Цариград од крстоносците во 1204 година, поглавари на Охридската архиепископија стануваат црковните великодостојници од домашната средина кои прокламирале целосна независност на архиепископијата, барајќи за тоа корени во Јустинијановите правни акти. Во овие услови, охридскиот архиепископ Димитриј Хоматијан, познат средновековен беседник и писател - автор на Краткото житие на св. Климент Охридски - и покрај жестоката реакција на цариградскиот патријарх, византискиот деспот Теодор Комнен го крунисал за цар.

Охридската архиепископија била мошне самостојна. Таа пред сè, им била верна на своите традиции. Имала свои ктитори и специфични охридски култови, а во подоцнежните времиња (особено во XIV век) и сопствени сликарски работилници. Ктитори на охридските цркви не биле само дојдените благородници, туку овде цркви, како свои задужбини, граделе и локалните свештеници и игумените на Климентовиот манастир. Култот на св. Климент и на св. Наум бил многу силен. Тие во овдешните цркви биле сликани на најистакнати места. Во XV и XVI век Охридската архиепископија својата јурисдикција ја шири на нови територии на Балканот и во подрачјето на Медитеранот. Во XVI век Охридската архиепископија својата управа ја проширила во православните колонии на Малта, во Апулија, Калабрија, Сицилија, Венеција и Далмација. Со наредба на турскиот султан Мустафа III во 1767 година е укината Охридската архиепископија и приклучена кон Цариградската патријаршија. На Вториот црковно-народен собор во Охрид, во октомври 1958 година, Охридската архиепископија беше обновена и сега носи назив Македонска православна црква.

Охрид се наоѓал под турска власт од крајот на XIV век па сè до почетокот на XX век, односно од 1395 до 1912 година. Во почетокот турските султани í помагале на Охридската архиепископија да ги проширува своите граници.

Суштествени промени се случиле во 1466 година. Извесен број тогашни угледни охриѓани го помагале востанието на албанскиот борец Скендербег против Турците. Архиепископот Доротеј и повеќемина охридски клирици и болјари, по наредба на султанот, морале да го напуштат Охрид, и животот да го завршат во заточение.

Како значаен економски и културен центар Охрид се развил кон крајот на XIX век. Тогаш, охридските кожуварски работилници ги извезувале своите производи во повеќе балкански и европски градови (во Цариград и Солун, Лајпциг и Виена). Во тоа време оживеало иградежништвото. Пристигнувале резбари и сликари од околината на Дебар.

Во втората половина на XIX век соседните држави Грција, Бугарија и Србија се грабaле за македонската територија и наметнување на свое присуство и влијание. По укинувањето и присоединувањето на Охридската архиепископија кон Цариградската патријаршија во 1767 година, се засилило влијанието на елинизмот. Отпорот против грчкото духовно ропство, особено се заострил по 1860 година, по назначувањето на злогласниот владика Мелетиј за охридски митрополит. Не само во Охрид туку и во Македонија, борбата против грцизмот прв ја повел македонскиот просветител Димитрија Миладинов, роден во Струга, учител на поетите Григор Прличев и Рајко Жинзифов. Тој бил затворен во Цариград, каде што заедно со својот брат, поетот Константин Миладинов биле отруени.

Отпорот на напредните слоеви на македонското население против грчкото духовно ропство во Охрид продолжил на чело со поетот Григор Прличев, автор на поемите „Сердарот” и „Скендербег”. Тој по победата на поетскиот конкурс во Атина во 1860 година со поемата „Сердарот”, се откажал од школувањето во Оксфорд и се вратил во родниот град Охрид.

Борбата против грчкото духовно ропство завршила успешно. Во 1869 година со султанов хатишериф биле укинати грчките училишта во Охрид.

Во чест на големиот преродбеник, во стариот дел на Охрид, изграден е меморијален музеј, Спомен - куќа на Григор Прличев.

Основите на Македонската револуционерна организација за подготвување на населението за вооружено востание во Охридската околија, биле поставени во 1894 година. Во ноќта на 2 август 1903 година, охриѓани заедно со народот од другите краишта на Македонија, масовно учествувале во Илинденското востание, кое по одгласот и значењето ги надминало регионалните рамки на Македонија. Набргу по првите востанички пушки турскиот аскер почнал жестоки репресалии врз македонското население. Најголем збег на населението бил организиран во планинскиот предел Рашанец (североисточно од Охрид). Кон крајот на август 1903 година, кога овој крај бил нападнат, Рашанец станал заедничка гробница на многу невини жени и деца, старци и старици и востаници.

Од 1912 година, кога конечно била отфрлена турската власт, па сè до 1915 година, Охрид се наоѓал под власт на српската држава. Од 1918 до 1941 година í припаѓал на стара Југославија. За време на Првата светска војна (1914-1918 година) и Втората светска војна, Охрид беше под бугарска власт. Охрид беше ослободен на 7 Ноември 1944 година. Охрид, израсна во значаен македонски туристички центар, забележа големи достигнувања во областа на стопанството, а воедно разви и широка мрежа на образовни, културни, здравствени и други институции.

Одбрани слики
forward_arrow back_arrow