Сите вести и настани
СО ПРОМОЦИЈА НА ФИЛМОТ “ТАНЦОТ НА ПАСТРМКИТЕ” ДЕНЕСКА ЗАПОЧНУВА ПРОСЛАВАТА ВОДИЦИ
Датум: 17.01.17
Најмасовната црковно-народна манифестација во Р. Македонија и регионот, за христијанскиот празник Богојавление-Водици, од минатата година заедно ја организираат Локалната самоуправа и Дебарско – кичевската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, во соработка со бројни институции, граѓани и организации.
Со промоција на документарниот филм “Танцот на пастрмките” и изложба на подводна фотографија, денеска, во Центарот за култура со почеток во 19 часот, почнуваат активностите за одбележување на големиот верски празник Богојавление – Водици. На 19-ти јануари, четврток, кога во Охрид се очекуваат и голем број гости од земјава и странство, во 7 часот ќе има богослужба во сите парохиски храмови, а во 8.30 часот ќе започне светата божествена литургија, по што во 9.45 часот ќе следи поаѓање на литијата кон градското пристаниште каде во 10 часот ќе се фрла крстот во осветените води. Во 12 часот ќе се одржи и традиционално групно крштевање на Сараиште, како и крводарителска акција во студентскиот дом “Никола Карев” која ќе трае од 9 до 14 часот. На 20-ти јануари во 12 часот на Сараиште ќе се одбележи Денот на рибарите каде ќе се подготвува рибна чорба, а присутните ќе уживаат и во звуците на староградската музика со ансамблот “Билјана Јуниор “.
УСПЕШНО ИЗДАНИЕ НА “ОХРИДСКА СОФРА 2016”
Датум: 07.09.16
Со палењето на ѓомлезарските огнови, на просторот до манастирот “Успение на Пресвета Богородица” во селото Скребатно, се одржа четвртата туристичко промотивна манифестација “Охридска софра”.
Mанифестацијата што традиционално ја организира Општина Охрид, преку Секторот за туризам и локален економски развој, со помош на бројни спонзори и донатори, помина во несекојдневно дружење и уживање во вкусовите на традиционалната охридска кујна и музиката на групата “Низалка”, во прекрасниот манастирски амбиент каде природата се распослала со сета божествена убавина. Туристичко промотивната манифестација ”Охридска Софра”во присуство на учесниците и бројните гости, меѓу кои имаше и странски туристи ја отвори градоначалникот Никола Бакрачески, кој рече дека традиционалните рецепти за подготовка на домашна храна, претставуваат вистинско богатство на нашите домаќинства и неисцрпна можност за туристичка промоција на Охрид. По неколкучасовна подготовка, специјална комисија ги прогласи трите највкусни специјалитети – ѓомлезе. Првата награда и припадна на Ристана Божиноска, втората на Билјана Стрезоска, додека третата награда ја доби Крсте Џуклески. Покрај ѓомлезето, присутните, на поставените штандови можеа да вкусат бројни специјалитети од охридската кујна и здрава храна што се произведува во охридскиот регион.
ПРИВРШУВААТ ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ЈУБИЛЕЈНОТО ИЗДАНИЕ НА ОХРИДСКИОТ ПЛИВАЧКИ МАРАТОН
Датум: 19.08.16
Подготовките за годинешното издание на Охридскиот пливачки маратон кој ќе се одржи на 20 Август, 2016 се во завршна фаза. На годинешното 30 по ред издание на Охридскиот пливачки маратон од серијата на ФИНА , ќе се плива на триесет километарската патека “Kлиме Савин”.
Општина Охрид и Јавните претпријатија се подготвуваат за непречено одвивање на јубилејното издание, а во тек е и подготовката на пропратните културно – забавни содржини. И оваа година натпреварувањето ќе се одвива во две групи, женска и машка конкуренција. На минатогодишното 29 издание на Охридскиот пливачки маратон за прв пат победник беше македонскиот пливач Евгениј Поп Ацев.
НА 1ВИ ЈУЛИ ВО ОХРИД ЌЕ СТАРТУВА БЕЛО ЛЕТО 2016
Датум: 01.07.16
По примерот на светските туристички центри на која градот практично ќе работи 24 часа на 1 Јули 2016 година по четврти пат ќе се одржи Манифестацијата “БЕЛО ЛЕТО 2016”, а во рамките на истата предвидено е и одржување на Бела Ноќ.
Манифестацијата е во организација на Општина Охрид – Сектор за туризам и ЛЕР. Во рамките на Манифестацијата “БЕЛО ЛЕТО 2016” предвидена е следнава програма: - 19:00, Предворје на Света Софија – Концерт на Владимир Четкар Секстет, - 21:00, Настап на перкусионистичка група KARANOS waterfall drums group од Воден, Грција, со дефиле од Св. Софија – градски плоштад Климент Охридски – плоштад Крушевска Република – мал плоштад Долна Порта, - Настап на жонглерска група со најнова технологија на жонглерски реквизити, - 22:00, настап на DJ-и на мал плоштад Долна Порта. По завршување на настанот согласно Програмата за продолжување на работното време донесена на Совет, вечерта на 01.07 2016 година угостителските објекти ќе работат со продолжено работно време.
НАСТАНИТЕ СО СВЕТСКО РЕНОМЕ ВЕТУВААТ ПЛОДНА ТУРИСТИЧКА СЕЗОНА ВО ОХРИД
Датум: 01.07.16
Охрид очекува плодна туристичка сезона и продолжување на трендот на пораст на туристичкиот промет во однос на изминатите години. Музичките настани со светско реноме кои годинава ги поддржува општина Охрид , а кои ќе се случуваат ова лето се очекува само во еден викенд да привлечат над 15 000 нови гости на охридската ривиера.
Градоначалникот Бакрачески истакна дека оваа година заедно со музичката куќа “Авалон” од Скопје се овозможени настапи на светски познати музички групи односно имиња што се особено важно за збогатување на туристичката понуда на градот Охрид во текот на оваа летна сезона и промоција на градот на светски рамки. Под логото “Ohrid calling” на 14 Август на стадионот “Билјанини Извори” ќе настапи светскиот познат бренд “Prodigy”. На 13 Август во рамки на фестивалот “Охридско Лето” на Античкиот театар ќе настапи музичката атракција Алди Меола. За 1 Август во Охрид ќе настапуваат познатите диџеи Lost Frequencies и Nicky Romero.
ОХРИД ПРОМОВИРАН ПРЕД НАЈЕМИНЕНТНИТЕ ТУРИСТИЧКИ РАБОТНИЦИ ВО ВИЕНА
Датум: 26.04.16
Пред повеќе од 150 присутни, помеѓу кои амбасадори од неколку земји, претставници на туристички агенции, туроператори и новинари за туризам, градоначалникот Бакрачески, го промовира Охрид во Виена, Австрија.
Настанот за промоција на Охрид пред најеминентните туристички работници беше во организација на градоначалникот Бакрачески заедно со Амбасадата на Република Македонија во Австрија и почесниот конзул на Р. Македонија во Австрија, Сузана Родлер. Присутните преку обраќањето на градоначалникот, видео спотовите и промотивниот материјал имаа можност да ги доловат природните убавини на градот и големиот број на културно – историски знаменитости. По завршувањето на презентацијата присутните имаа можност на коктел од традиционални јадења да ја вкусат македнската кујна и да уживаат во вкусовите на разновидните вина од винаријата “Далвина”, која даде целосна поддршка на настанот. На манифестацијата се отвори можност за неколку соработки во иднина со австриските туристички работници, за ставање на Охрид на туристичката мапа на австриските туристички агенции и туроператори.
ОХРИД ПРОМОВИРАН ВО СРБИЈА
Датум: 05.04.16
Активностите за промоција на Охрид како туристичка дестинација продолжуваат. Делегација предводена од заменик градоначалникот Ангел Јанев и претставници од Секторот за туризам и локален економски развој,
во Ниш, Р. Србија, пред претставници на туристичките агенции, туроператори, медиуми, новинари и претставници на туристичките комори и општини од централна и јужна Србија, ги презентираа туристичките потенцијали на градот. Преку организирање на “Охридска вечер”, присутните имаа можност да се запознаат со охридската традиционална кујна. Целта на настанот е промоција на Охрид на туристичкиот пазар во централна и јужна Србија, како и остварување на контакти помеѓу туристичките работници на двете земји.
Охрид- меѓу најубавите градови во Европа
Датум: 15.02.16
Охрид, град кој се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија и е лоциран на североисточниот брег на Охридското Езеро, најпрепознатливиот бренд на Република Македонија во Европа и Светот, кој со своите природни, културни, духовни и историски посебности е бележит дел на македонската и европската историја од неодамна се вборои помеѓу 30-те најубави мали градови во Европа, како топ дестинација која несебично нуди прекрасни моменти и уживање преку бројните видови туризам.
Интернет страната, Телеграф Травел, која постојано информира за прекрасните дестинации кои треба да се посетат, го наведе Охрид како атрактивна дестинација која мора да биде дел од туристичката понуда. Градот чија номинација за „природно и културно наследство на Охридскиот регион“ е впишана во Комитетот за светско наследство и е на листата на УНЕСКО како дел од Светското културно наследство, несомнено го заслужи епитетот на бисер во богатата ризница на светското културно и природно богатство и посакувана туристичка дестинација. Изборот на листата со градови е направен од страна на 300 туристички агенции од Јапонија кои сметаат дека наведените градови во Европа се најубави и дестинации кои „мора“ да се посетат. Линк: http://www.telegraph.co.uk/travel/travelnews/12129402/The-30-most-beautiful-towns-in-Europe.html
ПРЕКУ АТРАКТИВНА ПРОГРАМА И СОДРЖИНИ ВО ОХРИД – ГРАД НА ДУХОВНА КУЛТУРА И ТРАДИЦИЈА БЕШЕ ОДБЕЛЕЖАНО ПРАЗНУВАЊЕТО И МАНИФЕСТАЦИЈАТА ПО ПОВОД ВЕРСКИОТ ПРАЗНИК БОГОЈАВЛЕНИЕ - ВОДИЦИ
Датум: 27.01.16
Празнувањето по повод Богојавление во Охрид е една од најмасовните црковно – верски манифестации во православието, како според бројот на посетители на чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро, така и според бројот на верници и гости кои независно од зимските температури влегуваат во езерските води за да го фатат Светиот крст.
На 19 Јануари, Богојавление – Водици, голем број на гости, од земјава и странство, како и бројни охриѓани го преплавија градското пристаниште, кејот и плоштадот проследувајќи го чинот на осветувањето на езерските води и барање на чесниот крст. Варошанецот Петар Рупевски беше најсреќниот од над 1000 капачи: охриѓани, жители на други македонски градови и странци кои во езерските води го бараа Чесниот Крст, тој прв успеа да стигне до него. Со музика и песна во духот на христијанските празнувања започнаа прославите посветени на Денот на рибарите. Во голем казан, професори и ученици од средното Угоститеско и туристичко училиште “Ванчо Питошески”, приготвуваа рибна чорба. Покрај рибната чорба за посетителите се нудеше и плашици, но и убаво спакувани порции традиционален специјалитет – пача, приготвена од студентите на Факултетот за Туризам и Угостителско од Охрид. Инаку годинава за Богојавление – Водици, Охрид имаше рекорден број на посетители.
ОХРИД БЛЕСНА ВО НОВОГОДИШЕН СЈАЈ
Датум: 18.12.15
На охридскиот плоштад и во чаршијата деновиве започна да се чувствува вистинска предновогодишна атмосфера.
Бројни новогодишни реквизити го красат централното градско подрачје и периферните делови на Охрид. Ѕвезденото небо веќе е над охридската чаршија, а на плоштадот „Св. Климент Охридски“ поставенa е новогодишната елка, детскиот тунел и други украси . Ќе се декорира и светилникот на пристаништето каде ќе има прскалка со дијаметар од три метри. Празничната атмосфера ја збогатуваат и тезгите за продажба на новогодишни честитки и украси кои се поставени на плоштадот кај Чинарот. Инаку според најaвите од туристичките работници, за време на Новогодишните празници во Охрид се очекува да престојуваат голем број домашни и странски гости.
ЗАПОЧНА БАЛКАНСКИОТ ФЕСТИВАЛ НА НАРОДНИ ПЕСНИ И ИГРИ
Датум: 07.08.15
На летната сцена „ Долни Сарај“ , синоќа свечено беше отворено годинешното 54. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри, најстарата фолклорна манифестација на Балканот и еден од најпретпознатливите и највредни делови од богатиот македонски и охридски културен мозаик.
На учесниците на фестивалот топло добредојде во Охрид и успешни настапи им посака градоначалникот Никола Бакрачески. На првата фестивалска вечер настапи Националниот ансамбл за македонски народни песни и ора „ Танец“, а следниве денови ќе настапат уште неколку ансамбли од Македонија, Хрватска, Турција, Полска, Канада, Србија, Унгарија,Турската Република - Северен Кипар и Бугарија.
БЕЛО ЛЕТО –МАГНЕТ ЗА ОХРИЃАНИ И ТУРИСТИТЕ
Датум: 07.07.15
Со туристичко- промотивната манифестација „Бело лето“, што по трет пат ја организира Локалната самоуправа на Општина Охрид, преку Секторот за туризам и локален економски развој, официјално се означи почетокот на годинешната главна туристичка сезона.
Посетеноста на овој спектакл покажа дека не очекува успешна туристичка сезона. Бројни охриѓани и гости од земјата и странство, со уживање ги проследија настапите на Слаткаристика, Тајзи и „Саунд месинџерс“, а на плоштадот „Чинар“ можеа да ги следат бројните фолклорни настапи. Охрид живееше деноноќно, налик на познатите туристички места, за што сведочеа преполните ресторани и кафулиња. Локалната самоуправа, следејќи ги светските трендови, со организирањето на оваа и слични манифестации, сака да ја збогати туристичката понуда и да привлече што поголем број домашни и странски туристи.
ЗАВРШИ “ПРОМОТИВНАТА ТУРА – ОХРИД 2015”
Датум: 15.04.15
Во рамките на активностите предвидени со годишната програма на Секторот за туризам и ЛЕР при Општина Охрид, во соработка со туристичко угостителските субјекти деновиве успешно беше реализирана “Промотивната тура - Охрид 2015”. На промотивната туристичка тура што се одржа од 2-5 Април, учествуваа претставници од туристички агенции, медиуми, списанија и туроператори од Турција, Србија, Израел, Русија, Бугарија, Словенија, Украина, Унгарија и Австрија.
Гостите имаа можност да ги видат убавините на Охрид преку обиколка на стариот дел на градот, културно историските споменици и обележја, природните убавини и промоција на алтернативните форми на туризам со што гостите имаат можност и за фото - сафари тура. Беа посетени повеќе хотели во охридскиот регион, каде што гостите се запознаваа со семстувачките капацитети, а воедно како резултат на промотивната тура се потпишаа и неколку договори за закуп на хотелски капацитети. Се очекува учесниците од промотивната тура по престојот во Охрид преку медиумите и списанијата да објават репортажи со што на нивните гледачи и читатели ќе им ги презентираат убавините на нашиот град и поширокиот регион, како и целокупниот туристички потенцијал и понуда на Охрид. Наскоро во две најгледани сателитски турски телевизии ATV и А haber ќе бидат емитувани специјални емисии, а репортажи ќе се објават и во десетте електронски и печатени списанија од нивната медиа групација, како и во GLOBER – JETLIFE, едно од најпознатите печатени списанија кое се дистрибуира во авио компанијата Atlas Global.
“ОХРИДСКАТА СОФРА” ПО ТРЕТ ПАТ СЕ ОДРЖА ВО ОХРИД
Датум: 09.02.15
Во излетничкото место кај манастирскиот комплекс „Света Богородица“ кај селото Скребатно, по трет пат се одржа туристичко- промотивната манифестација „Охридска софра“ што ја организира општина Охрид и со која симболично се означува крајот на главната туристичка сезона. Целта на настанот е збогатување на туристичката понуда преку промоција на традиционалната охридска кујна со подготовка на локални специјалитети, меѓу кои посебно место има ѓомлезето.
Годинава во подготовка на ѓомлезето учествуваа 15 мајстори а специјалната тричлена комисија за најдобро го избра ѓомлезето на Јорданка Тодороска која освои парична награда од 10.000 денари. Второто место и 7.000 денари ѝ припадна на Ратка Крстаноска, додека Илина Бимбилоска - Коваческа беше трета и доби награда од 3.000 денари за вложениот труд. Учесниците и посетителите на манифестацијата во име на градоначалникот Никола Бакрачески ги поздрави заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев . -Со организирањето на ваквите настани од една страна ги негуваме традиционалните вредности кои се наши препознатливи белези во Светот, а од друга, поставуваме цврсти основи за развој на руралниот туризам како еден од алтернативните форми за чиј развој општината има изградено стратегија и води особена грижа. Посебен акцент денес ставаме на охридскиот специјалитет ѓомлезе. Јас знам дека колку што се вкусни ѓомлезињата кои од рано утрово ги подготвувате вие- вредни учесници во натпреварот, толку е голема маката на стручната комисија која треба да оцени кое ѓомлезе е најдобро. Сите вие денес сте победници, сите вие сте најдобри,затоа што токму преку вашите кулинарски способности и вештини ја промовирате нашата надалеку позната традиционална кујна. Заедно со вас, креатори на оваа убава слика се и претставниците на неколку охридски и угостителски објекти, студентите од охридскиот Факултет за туризам и угостителство кои приготвуваат јадења по традиционалните рецепти и жителите од околните населби кои ја презентираат здравата храна. Со желба оваа манифестација уште многу години да биде дел од туристичката разгледница на Охрид, ќе ви посакам да уживате во преостанатите содржини од манифестацијата и да понесете убави спомени со себе кои повторно ќе ве враќаат на секое наредно издание на „Охридската софра“.- истакна Јанев. Манифестацијата беше збогатена и со музичка програма и со настап на етно- групата „Баклава“.
ОХРИД ЌЕ БИДЕ ГРАД - ДОМАЌИН И ПОКРОВИТЕЛ НА ГОДИНАШНИОТ ТУРИСТИЧКИ САЕМ ВО СКОПЈЕ
Датум: 04.02.15
На покана на Стопанската комора за туризам и Скопски Саем, оваа година општина Охрид ќе биде град - домаќин на јубилејниот Петти туристички саем Skopje Travel Market , што ќе се одржи од 7 до 9 Мај. По тој повод Градоначалникот Бакрачески потенцираше дека тоа е одлична можност за презентација на туристичката понуда на Охрид, најголемиот и најразвиениот туристички центар во Република Македонија.
Градот Охрид како град – домаќин ќе биде презентиран на голем штанд на централно место со можност за покомплексна и шаренолика презентација на туристичката понуда на Охрид на оваа голема Меѓународна саемска манифестација. Покрај преставувањето на понудите на поголемите хотелски и угостителски капацитети за претстојната туристичка сезона , како град домаќин, на саемот ќе има можност да се претстават и понудите на физичките лица кои вршат угостителска дејност од мал обем, занаетчиите, понудите од активен, алтернативен , пред се рурален туризам и другите чинители во оваа стратешка стопанска гранка. На најголемиот штанд на саемот , покрај другото ќе се афирмираат и стратегиите за продолжување на сезоната преку развој на културниот, здравствениот, спортскиот и други форми на туризам. Претседателката на Стопанската комора за туризам Лела Крстевска потенцира дека вклучувањето на Охрид како домаќин на туристичкиот саем, Skopje Travel Market, на оваа манифестација и се дава нова позитивна димензија.
ФЕСТИВАЛ ОХРИДСКО ЛЕТО
Датум: 12.07.13
Ако се зборува за Фестивалот Охридско лето во пресрет на неговото 53-то издание,сигурно е дека долгогодишното опстојување на оваа манифестација упатува кон сознание дека, таа се потпира на нешто што навистина претставува голема традиција. А таа традиција извира од местото кое е дадено од БОГА, од градот Охрид – духовната престолнина на Македонија, градот на древноста, со волшебното сино езеро, град со долговековна културна историја со вредностите на античката цивилизација, градот со првиот сесловенски универзитет во Европа, градот на Самуиловото царство и најпосле градот – репрезент на целокупната македонска културна и духовна историја.
И затоа, не случајно во овој град-свето место, Господ требаше само да ја испрати својата благородна порака, за да се означи почетокот на нешто што требаше да се случи тука. И тоа се случи во далечната 1961 година на 4 август, среде лето. Се случи да блесне искрата на светлината под чудесните сводови на преубавата катедрална црква Света Софија-дел од монументалните древни вредности на Охрид, од 11 век). Блесокот на таа искра го означи раѓањето, односно почетокот на манифестацијата, која најверојатно беше предодредена од Бога, како што исто така беше дадена и оперската певица Ана Липша Тофовиќ да го означи почетокот на еден фестивал кој подоцна ќе го носи официјалното име ОХРИДСКО ЛЕТО. Тој прв концерт на 4 Август во Света Софија каде што магичниот глас на Првенката на Македонската опера како да беше нарачан за тој прекрасен амбиент со неверојатната акустика, дефинитивно ја потврди оправданоста на сите дотогашни настојувања и желби за да се дојде до тоа што Охрид бездруго треба да го има. Тој чин на концертно крштевање на Света Софија направен во миг на визионерско вдахновение на Ана Липша Тофовиќ и нејзиниот пијано соработник Ладислав Перлдик, со голем ентузијазам поддржан од охриѓани и македонски културни дејци, покажа дека семето е посеано на плодна почва и од него се зародува манифестација од светско значење. Изведбата на дела од Хендл, Моцарт, Бетовен, Глук, со самиот почеток делуваше импресивно и покажа дека Света Софија е дадена за тоа. Така започна приказната што се вика Фестивал Охридско Лето. Во првите фестивалски години во програмскиот концепт преовладуваше непосредната врзаност на Света Софија со вокалното музицирање, но се разбира со настојување пред се да биде обезбеден уметничкиот квалитет од една страна, а од друга страна грижата и потребата за застапеност на дела инспирирани од светото дело на браќата Кирил и Методиј со што ќе се нагласи значењето на Охрид како лулка на словенската писменост. Во неколкуте први години на себенаоѓање и профилирање на сопствената физиономија, Охридско Лето силно се утврди како еден од стожерите на македонската културна традиција. Катедралната црква Света Софија, таа стара дама на Охридската Патрикана, се повеќе се покажува како незаменлив простор за камерно музицирање, станувајќи притоа се попривлечна за многу уметници и ансамбли од светот. Фестивалот стануваше привлечна дестинација за уметници со високо реноме, а меѓу нив : Владимир Ружѓак ( баритон од Хрватска), Мартина Аројо сопран од САД, Словенечкиот октет, Прашките музичари, прочуените Светски квартети Џулијард и особено Голден гејт квартет, македонските уметници Милка Ефтимова, Тодор Скаловски... Нивните настапи предизвикуваа одушевување, но во исто време и предизвик за други уметници од светот кои имаа желба да го видат тоа чудо што се вика Света Софија. Така, годините што следуваа, го означуваат можеби најзначајниот период во развојот на Фестивалот, период што битно ќе се одрази на натамошниот нагорен од на оваа манифестација. Тоа е периодот на легендарните Леонид Коган (руски виолинист, најдобар во светот во тоа време) и Андра Навара виолончелист од Франција, исто така еден од најдобрите во светот. Овие двајца виртуози на својот инструмент спаѓаат во групата уметници кои не се одвојуваа од Фестивалот се до својата смрт. Нивните концерти, било рецитали или како солисти со оркестри ќе останат регистрирани и вброени меѓу најквалитетните музички настани на Фестивалот и оставија посебен белег во фестивалската историја. Едноставно тие ги вградија својата уметност и својот творечки дух во Фестивалот. Нивната љубов и врзаност кон Фестивалот беше толку голема што тие со големо задоволство се зафатија и со педагошката дејност, одржуваа посебни музички семинари во рамките на Фестивалот што се покажа како многу корисна активност на Фестивалот бидејќи од тие курсеви произлегоа многу млади врвни музичари. Фестивалот потоа стануваше се поинтересен, побогат и попривлечен за уметниците и ансамблите од светот. Така во тие години (70-те и 80-те) продефилираа многу уметници и ансамбли, од кои покрај домашните од тогашната Југославија и многу светски реномирани имиња чие учество придонесе за уште поголема фирмација на Фестивалот. Имињата на: Мстислав Ростропович, Алдо Чиколини, Гидон Кремер, Руџеро Ричи, Виктор Третјаков, Хенрик Шеринг, Салваторе Акардо, Елена Обрасцова, Катиа Ричарели, Викторија де лос Анхелес, Максим Венгеров, Вадим Репин, Џулиан Рахлин, Иво Погорелиќ и многу други вокални и инструментални солисти или пак од ансамблите како : Минхенскиот камерен оркестар, Камерниот Оркестар Виртуози ди Рома, Камерниот оркестар Жорж Енеску, Литванскиот камерен оркестар, Симфонискиот радио оркестар на Австриското радио, хоровите Мадригал од Букурешт,Глинка од Санкт Петербург, хорот на Виенските деца и други, придонесоа за натамошниот раст и афирмацијата на Охридско Лето. Но, во тие години, како што физиономијата на музичкиот дел од програмата се повеќе се зацврстуваше, паралелно со тоа се почувствува и потребата од истото за другиот програмски сегмент – театарот. А тоа од проста причина што древниот амбиент на Охрид со своите чудесни и податливи сценски локалитети, едноставно го привлекува режисерското око и волшебната игра на актерот. Така, во првите години на фестивалот се почна со гостувањето на домашните ( македонските театри) со претстави од нивниот репертоар, за подоцна и овој програмски сегмент да ја доутврди својата физиономија и фестивалот да стане примамливо собиралиште за многу гостувачки театри од светот а посебно од просторите на поранешната Југославија. Се случија врвни театарски остварувања со театри од највисок ранг од поранешните југословенски простори, но и со странски театри како на пр. од Русија, Турција, Франција, САД, Холандија, Италија, Грција и др. земји. Прекрасните и атрактивни сценски простори во Охрид ќе понудат нови можности, а тоа се првите фестивалски претстави кои се подготвуваат и прикажуваат премиерно на фестивалот. Така на сцените во предворје на Света Софија, Долни Сарај, Самуиловата тврдина, Св.Наум, Сараиште, Плаошник и др.се остварија театарски проекти за паметење (премиери или адаптации и одбрани репертоарски претстави) по текстови на домашни драмски автори или пак светските класици како што се: Шекспир, Чехов, Молиер, Гогољ, Брехт, Нушик, или пак старогрчките Софокле, Еврипид, Аристофан и т.н. Со осмислената физиономија и на театарската програма во 80-те години, Фестивалот веќе достигнува навистина импозантен подем што му дава за право да се смета за манифестација од светки рамки. Својата зрелост како манифестација со високи уметнички вредности Охридско лето ја потврдува и заокружува во средината на 90-те години, поточно во 1994 год. Кога станува член на Европскиот сојуз на фестивалите со седиште во Женева. За прием во оваа голема и многу значајна асоцијација се бараа строги и високи критериуми. Охридско Лето ги исполнуваше и со тоа стана рамноправна членка во семејството на европските фестивали. Тоа е големо признание не само за Фестивалот туку и воопшто за македонската култура. Се разбира, со влегувањето во оваа асоцијација, се отворија и други пошироки можности за делување од повеќе аспекти во развојната насока на Фестивалот, особено во програмскиот сегмент. Пред се, Фестивалот станува многу попознат во светот од една страна, а од друга страна се пружа поголема можност за непосредна соработка со елитните европски фестивали што ќе биде од голема корист за взаемна размена на проекти и искуства. Доаѓа и 2000, 2001 година. Години во кои Фестивалот го добива она за кое мечтаеше одамна. Се открива локалитетот на Античкиот театар како најголем сценски простор. И тука во 2001 година со свеченото отворање на Фестивалот ( премиера на спектакуларниот драмски проект на И.Поповски Маседуан) се промовира најголемата и најатрактивна летна сцена со капацитет од околу 3000 посетители. Со овој сценски простор, несомнено, Фестивалот добива една друга димензија во насока на збогатување на своите програмски содржини. Посебно за содржините на свечените отворања кои бараат масовности и спектакуларност. Оттогаш, сите свечени отворања на Фестивалот се одвиваат на сцената на овој волшебен простор. Тоа го покажа незаборавниот премиерен проект Маседуан на Иван Поповски, а во наредните години следуваа и други спектакли како: Звездите на Руската опера и балет, концертот на светскиот Тенор Хосе Карерас и т.н. Фестивалот Охридско лето, денес може да се каже дека навистина е среќен фестивал што го има градот Охрид, но и обратно: и градот е среќен што го има овој голем фестивал, а тоа морало да биде така бидејќи така било најверојатно предодредено. Се разбира во Република Македонија секогаш е присутна свеста за значењето на оваа врвна културна манифестација поради што Фестивалот и ја има севкупната поддршка од сите институции на државата. Посебно, поддршката од страна на Владата на РМ преку Ресорното министерство за култура, Претседателот на државата кој воедно е и Покровител на Фестивалот а исто така и значајната поддршка од стопанството преку одделни фирми и претпријатија кои финансиски го помагаат фестивалот. Денес, Фестивалот Охридско Лето претставува големо достоинство и исклучителна културна придобивка за Охрид и Р.Македонија. Манифестација со која на најдостоинствен и најрепрезентативен начин и Охрид и Република Македонија можат да се претстават во светот. Со оваа долга традиција, во пресрет на 53-то издание на Фестивалот, Охридско Лето се остварува една универзална благородна мисија на рамноправен натпревар на сите врвни уметнички вредности, во намерата за остварување на новите визии со уште повисоки дострели во европските и светските културни простори. Сигурно е дека и во 53-то по ред Охридско лето, во традиционалниот термин 12 јули – 20 август, ќе имаме уште едно блескаво издание на Фестивалот со сите нему својствени карактеристики и специфичности што го прават посебен, препознатлив и единствен во нашите простори.
Балкански фестивал на народни песни и ора
Датум: 06.07.13
6ти јули - 11ти јули
Балканскиот фестивал на народни песни и игри е меѓународна фолкорна манифестација, која е основана 1962 година. Првобитното име на фестивалот е " Охридски фестивал на аматерските ансамбли на народни песни и ора". Свеченото отворање се одржало на 20 јули 1962 година на градскиот плоштад. Од 1967 година Фестивалот добива концепција на него да учествуваат вокално-инструментални состави и солисти кои ќе го презентираат автентичното народно творештво и традиционалната култура низ ората, игрите, песните, обредите, обичаите, народните носии, инструментите што се употребуваат во музиката и ракотворбите.
Над дваесеттина години Балканскиот фестивал на народни песни и игри е член на асоцијациите на UNESCO : CIOFF ( Интернационален совет на организациите за фолкорни фестивали и фолкорна уметност ) и IOFA ( Меѓународна организација за фолкорна уметност). Традиционално Фестивалот се организира на почетокот на месец јули и на него учество земаат балканските и прибалканските земји. Во изминативе 36 години на Балканскиот фестивал се презентирани околу 40.000 пејачи, играорци и инструменталисти од Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, СР Југославија (Србија и Црна Гора), Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Романија, Унгарија, Австрија, Италија, Турција, Кипар, како и од Франција, Шпанија, Холандија, Германија, Русија, Молдавија, Полска, Чешка, Словачка, Белгија, Шведска, Данска, Финска, Велика Британија, Австралија, САД, Канада, Малезија и други. Во рамките на фестивалот се организираат и изложби кои секогаш биле блиски на ориентацијата на Фестивалот. Изминатите години Институтот за фолкор „Марко Цепенков“ од Скопје во рамките на фестивалот организираше и Симпозиум за балканскиот фолклор.
Бела ноќ “Бело лето“ 2013
Датум: 29.06.13
На 6-ти Јули 2013 година Општина Охрид за прв пат оваа година ја организира манифестацијата "Белo лето". Забавната програма на овој настан ќе започне во 21.00 часот на Градскиот плоштад со настапот на две македонски музички ѕвезди: Каролина Гочева и Панчо + ДНК и DJ sет lefonque + Iceberg. Во оваа прилика угостителскиte и хотелски објекти во градот ќе им понудaт на посетителите специјален попуст од 10 до 30 проценти на нивните услуги.

 

Видео најава...
Изложба на фотографии од Охрид во престижната Chelsea Gallery во Лондон
Датум: 16.05.12
Во организација на PRO ART & CO од Лондон, MAG - Culture & Experience од Скопје и Општина Охрид, од 21 до 28 мај 2012 година, во познатата галерија “Old Chelsea Town Hall, Library’s Gallery“, (Kings Road, London SW3 5EE) во Челзи, стариот дел на Лондон, ќе се одржи изложба на фотографии на природното и културното наследство на Охрид.
Повеќе информации на следната веб страна.
Охрид на пребарувачот Bing
Датум: 21.03.11
На насловната индексна страница на еден од најпознатите и најпосетуваните интернет пребарувачи, Bing, со фотографија од црквата Св. Јован Канео и Охридското Езеро и дополнителни информации за природното и културно наследство на Македонија, се промовира нашата земја како туристичка и светска дестинација. Тоа е голема поддршка за промоција на нашата земја и град и нашето природно и културно наследство.
iPult -Презентација на туристичката понуда
Датум: 19.03.11
На информативните пултови со екран на допир, кои до крајот на месец април ќе бидат поставени на десет атрактивни локации во Охрид, бесплатно ќе може да се презентира вкупната туристичка понуда.
Хотелите, рестораните. кафетериите, приватните станоиздавачи и сите други субјекти поврзани со туризмот својата понуда бесплатно ќе можат да ја презентираат, доколку се логираат на веб страницата www.ipult.info. Заинтересираните за подетални информации можат да се обратат во Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид, на тел. 046 / 230 175.

Повеќе упатства можете да добиете тука...
Фестивал Охридско Лето
Датум: 12.07.10
Во изминативе 49 години, Фестивалот „Охридско Лето“ се потврди како една од најзначајните културни манифестации во Република Македонија, а паралелно со тоа успеа да го одржи и чекорот со европските и светските културни токови и се вброи во елитата на најголемите и најзначајни Фестивали во светот, што го потврди и со членството во Асоцијацијата на елитните европски фестивали каде што е рамноправна членка веке 15 години.
Во пресрет на својот голем јубилеј - 50 години постоење, Фестивалот „Охридско Лето“ достоинствено и со сигурни чекори ја трасира патеката кон својата зацртана цел - достигнување и остварување на најквалитетното фестивалско издание.
Фестивалот „Охридско Лето“ со својата долгогодишна традиција на манифестација со исклучително богата уметничка носивост и привилегијата да произлегува од древната културна историја на градот - бисер со чудесните природни убавини, во 2010 година кога ќе го одбележи својот голем јубилеј -50 години постоење, ќе понуди исклучително богата уметничка програма со настани кои се очекува да предизвикаат огромен интерес во јавноста и посебно кај љубителите на музичката, театарската и друг вид уметности.
Големиот, односно, Златниот јубилеј секако дека ке претставува посебен предизвик за Фестивалот и луѓето што го организираат заедно со финансиерите, пред се Министерството за култура на Република Македонија и сите други помагатели и пријатели, за да се реализира досега најквалитетното издание што ќе соодветствува на рангот и реномето на овој фестивал, а со тоа и достоинствено да ги презентира и уште еднаш ги потврди високите културни вредности на нашата држава, Европа и светот. Со особено задоволство Ве покануваме и ова лето да дојдете во Охрид и од 12 јули до 20 август заеднички да уживаме во прекрасната и чудесна магија наречена Фестивал „Охридско Лето“.
www.ohridsummer.com.mk
Балкански фестивал на народни песни и ора
Датум: 06.07.10
Балканскиот фестивал на народни песни и игри е меѓународна фолкорна манифестација, која е основана 1962 година. Првобитното име на фестивалот е "Охридски фестивал на аматерските ансамбли на народни песни и ора".
Свеченото отворање се одржало на 20 јули 1962 година на градскиот плоштад. Од 1967 година Фестивалот добива концепција на него да учествуваат вокално-инструментални состави и солисти кои ќе го презентираат автентичното народно творештво и традиционалната култура низ ората, игрите, песните, обредите, обичаите, народните носии, инструментите што се употребуваат во музиката и ракотворбите.
Над дваесеттина години Балканскиот фестивал на народни песни и игри е член на асоцијациите на UNESCO : CIOFF ( Интернационален совет на организациите за фолкорни фестивали и фолкорна уметност ) и IOFA ( Меѓународна организација за фолкорна уметност).
Традиционално Фестивалот се организира на почетокот на месец јули и на него учество земаат балканските и прибалканските земји. Во изминативе 36 години на Балканскиот фестивал се презентирани околу 40.000 пејачи, играорци и инструменталисти од Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, СР Југославија (Србија и Црна Гора), Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Романија, Унгарија, Австрија, Италија, Турција, Кипар, како и од Франција, Шпанија, Холандија, Германија, Русија, Молдавија, Полска, Чешка, Словачка, Белгија, Шведска, Данска, Финска, Велика Британија, Австралија, САД, Канада, Малезија и други.
Во рамките на фестивалот се организираат и изложби кои секогаш биле блиски на ориентацијата на Фестивалот. Изминатите години Институтот за фолкор „Марко Цепенков“ од Скопје во рамките на фестивалот организираше и Симпозиум за балканскиот фолклор.
Фестивал на француски филм во Охрид
Датум: 26.06.10
Една убава иницијатива од пред неколку години за заживување на културното живеење во туристичкиот центар на Македонија во текот на Летото, годинава ја доживува својата трета годишнина на успешна реализација.
Филмскиот фестивал во Охрид кој започнува на 26.јуни и годинава ке понуди богат избор на филмови од фрацуската кинематографија како и на филмски продукции од франкофонското творечко подрачје.
Охрид меѓу 11-те најдобри дестинации
Датум: 22.06.10
Познатиот светски интернет пребарувач БИНГ и неговиот дел специјализиран за пребарување на најпознатите светски патувања и дестинации го позиционира градот Охрид и Охридското Езеро во 11-те најдобри места на Планетата за кои некогаш сте слушнале…
Единаесет лица доволно среќни да патуваат, ги откриваат своите омилени неодамнешни откритија - места, кои неочекувано ги пронашле и сé уште не можат, а да не размислуваат за тоа…Погледнете ја целата приказна
Ден на Охридското Езеро
Датум: 21.06.10
Традиционалната манифестација која ја негуваат трите крајезерски градови: Охрид, Поградец и Струга со цел да се искаже заедничката грижа за заштита на Охридското Езеро од двете страни, секоја година се одржува во друг град, а годинава е домаќин Охрид.
По традиција, покрај дружењето на претставниците на Локалните власти од трите градови, еколошките спортски и фолклорни друштва, на Денот на Охридското Езеро се организираат пригодни манифестации: изложби, натпревари и концерти.
Македонија на 21во место за посета во 2010 според "Њујорк Тајмс"
Датум: 14.06.10
Охридското Езеро, едно од најдлабоките езера на планетата, со импресивна локација од светското наследство на УНЕСКО, на антички живеалишта кои се издигнуваат високо над крајбрежјето, е локална ѕвезда за одмор, достоинствено за поголемо меѓународно признание.
Во градот Охрид, со низа теракотни покриви на куќите, 29 километри од границата со Албанија, крајбрежна населба што датира од неолитско време, Македонците се фалат дека на нивната страна од Езерото се наоѓа црква, манастир или џамија за секој ден од годината, полни со прекрасни фрески, мозаици и икони. Посебна привлечност се неодамна обновените цркви „Свети Климент“ и „Свети Пантелејмон“ на Плаошник, епско византиско ремек-дело и манастирот од 13 век „Свети Јован Канео“ од варовник и тули што се надвиснува над проѕирните сини води.

За 2010 година е планирано реновирање на Охридскиот аеродром од околу 50 милиони долари, а повеќе меѓународни летови се очекуваат в лето. Во изградба се шест нови луксузни хотели, меѓу кои и имот од 33 милиони долари, чија изградба треба да започне во март. Туристичката привлечност на охридските плажи беше подобрена минатата година со луксузни барови и ресторани, надополнети со места за седење од бамбус и кожа, а меѓу нив се издвојува местото „Куба либре“.

Во меѓувреме, со новите археолошки ископувања околу езерото, финансирани од владата, редовно се наоѓаат богатства, како 17 гробови од петтиот век откриени во јули минатата година. Тоа откритие следуваше по отворањето на Музејот на вода во 2008 година, одново изграденото село на колци од бронзената доба каде што се наоѓаат рачно изработени предмети од Охрид. — Dinah Spritzer
Богојавление - Водици туристички настан во градот бисер - Охрид
Датум: 19.02.10
Традиционално и оваа година со осветување на водите Охридското езеро, со молитва и фрлање на крстот во присуство на над 10.000 граѓани беше обележан големиот христијански празник Богојавление-Водици.
Овој празник наменски влезе и во организацијата на меѓународниот туристички саем со цел и тој ден и настанот да станат дел од туристичката понуда на Охрид. Следната година Охрид ги очекува сите посетители на уникатна гледка да присуствуваат на 19 Јануари вo нивниот град.
Стогодишниот Оливеира добитник на наградата за хуманизам од Охрид
Датум: 21.01.08
Португалскиот филмски режисер Де Оливеира на 99-годишна возраст пристигна во Охрид да ја прими наградата за хуманизам. Оваа награда ја доделува Академијата за хуманизам од Охрид. Де Оливеира стана и прв почесен професор на филмската академија во Скопје.
Европредставникот во Македонија во водите на македонската традиција
Датум: 21.01.08
Амбасадорот на ЕУ во Македонија Ерван Фуере ги воодушеви граѓаните на Македонија, како и тие него со своите ритуали во Охридското езеро. По обичај на празникот на СВ. Јован Крстител во Охридското езеро се става буре полно со вино кое е цел на добрите и издрзливи пливачи. Во натпреварот кој прв ќе стигне до македонското вино во езерото, победи амбасаадорот на ЕУ Ерван Фуере. Охриѓани му посакаа на здравје виното и многу среќа.
Календар на настани