Почетна :: Езеро
Откријте ја величественоста на Охридското Езеро

Кога во сончев ден се капете во Охридското Езеро, и кога наеднаш ќе изроните од неговите длабочини и кога во еден еден миг ќе ја заплискате водата над себе, околу вас во круг, на мазната светлотемна површина се создаваат сребрени, проѕирни, големи и мали меурчиња. Во секое од нив двапати се огледува сонцето, како две искри со нееднаква големина. Кога ќе се доближете до едно од поголемите меурчиња, и ќе го задржите здивот за да не го разбиете, можете во него како во криво огледало да го здогледате своето лице, влажно и насмеано. А, над вас секогаш останува светлото сонце, како огромна ѕвезда. Сето тоа трае кратко, како секоја убавина, а се повторува безброј пати...

ИВО АНДРИЌ, Нобелов лауреат (фрагмент од патеписот "Крај светлото Охридско Езеро")

Охридското Езеро е сместено во котлина која од сите страни е опкружена со планини чии врвови често надминуваат 2000 метри надморска височина. На источната страна се наоѓаат планините Петрино и Галичица, со врвот Магаро (2255 м). Планината Галичица ја дели Охридската и Преспанската котлина. На јужното крајбрежје на езерото се наоѓаат албанските планини.

Охридското Езеро со право заслужува назив - македонско слатководно море, и тоа не само поради топлата сина боја, која е поинтензивна и од небесното синило, туку и поради големината, бидејќи зафаќа површина од 358 км2. Така, се добива впечаток дека пред нас се наоѓа голем морски залив или пак истргнато парче морска широчина, фрлено меѓу високите планини на надморска височина од 695 метри. А над езерото, на неговиот северен брег како посебен декор се издигнува древниот Охрид, сместен на двоен рид, чија највисока точка - Самуиловата крепост, се наоѓа на околу 800 метри надморска височина.

Речиси правилниот елипсовиден облик на езерото овозможува од безброј места, со поглед да се опфати целата негова живописна модросина површина. Од манастирот Свети Наум па сè до селото Радожда на спротивниот брег, по водата се протега невидлива гранична меѓа, којашто езерото го дели на два дела. Две третини од неговата површина и припаѓаат на Република Македонија, а една третина на Република Албанија.

Со својата единствена флора и фауна, Охридското Езеро претставува еден од најголемите биолошки резервати на Европа. Уште првите научни истражувања, кои во Охридското Езеро беа вршени во текот на XIX век, открија дека во него, како едно од најстарите езера на нашата планета, се зачувал прастар жив свет кој во други места воопшто не постои или пак се среќава само во форма на фосили. Исклучително значење имаат охридските риби.

Природа
Прикажи/Собери
Доживувајќи го езерото
Прикажи/Собери
Плажи
Прикажи/Собери
Бродски превоз
Прикажи/Собери
Фотографии од Охридското Езеро
Прикажи/Собери
Одбрани слики
forward_arrow back_arrow