Почетна :: Доживувајќи го езерото
Доживувајќи го езерото

Охрид е природно и уметничко богатство меѓу планините и бреговите на Охридското Езеро во западниот дел на Република Македонија. Јадрото на Охрид е сочувано во стариот дел на градот на ридот на Самуиловата Тврдина. Љубителите на археологијата и уметноста откриваат повеќе од она што го очекуваат. Оние кои еднаш биле во Охрид повторно би се вратиле да уживаат во градот. Посетителите се привлечени од посебната атмосфера на мирот што владее во тесните и стрмни улички исполнети со убавите изданија на староградската архитектура и средновековните храмови со живописните фасади како украс на синото Охридско Езеро, најстарото во Европа и едно од најубавите езера во светот. На 5ти септември 1980 г. Охрид и Охридското Езеро се прогласени за културно и природно богатство под заштитата на УНЕСКО. Позиционирано во југозападна Македонија на границата со Албанија, во Охридската долина, опкружено со високи планини, Охридското Езеро со неговите длабоки сини води претставува извонредна природна убавина, што има голема економска вредност за регионот и огромно значење за науката во светот. Овој „син бисер“ одамна ги привлекувал луѓето. Предизвикувајќи ги научниците од целиот свет откриени се некои од езерските бескрајни тајни.

Поради неговото тектонско потекло во далечните геолошки епохи (пред 4 – 10 милиони години), географската изолација на ова езеро од останите свежи води од тоа време, големиот волумен на вода (53 км3) и постојаните животни услови до денес, ова езеро постанало живеалиште на многу организми од терциерот, што од друга страна, се здобива со уште еден епитет – музеј на „живи фосили“. Водите на самото езерото се карактеризираат со голема проѕирност и тоа со максимална транспарентност од 22 м во зима. Ова е резултат на неговата олиготрофска состојба (ниско производство на органски материи) и воедно релативно нискиот принос на риба.

Населено со огромна збирка на единствени суштества што не можат да бидат најдени на ниедно друго место во светот, давајќи поволни животни услови, езерото постанало едно од оние неколку езера во светот каде идната еволуција зема учество меѓу неговите жители, во смисла на формирање нови подвидови, видови, класи, дури и родови. Релативно огромниот ендемизам – повеќе од 200 ендемични видови – е главно изразен меѓу суштествата кои живеат на дното на езерото. Ендемизмот што е исто така изразен меѓу рибната фауна со 60% од 17те изворни рибни видови е друга реткост. Некои од ендемичните жители на езерото, особено округлиот сунѓер - Ohridospongia rotunda, непобитно потврдуваат дека Охридското Езеро, за разлика од повеќето езера во светот, никогаш не било исушено.

Овие факти, од крајот на 19ти век до денес, привлекуваат различни научници од светот (геологисти, биологисти, хидрологисти, палеонтологисти, физичари итн.) да работат на ова езеро и откривањето на неговите тајни има огромен придонес за општото знаење за еволуцијата на езерото и организмите на Земјата. Поради оваа висока научна вредност на Охридското Езеро, во 1935 г. беше основан постојан истражувачки центар на бреговите на езерото – Хидробиолошкиот Завод. Овој институт исто така има вештачки рибници за одгледување на ендемски доминантната и економски најважната риба од езерото – Охридската пастрмка. Од 1935 г. до денес езерото е снабдено со преку 800 милиони рибни подмладоци од Охридската пастрмка. Охридската белвица е уште еден ендемичен вид кој ја зголемува вредноста на езерото. Денес и двата вида се загрозени.

Друга риба, Охридската плашица која е најбројна во езерото, се употребувала во минатото за производство на познатиот Охридски бисер. Овој сувенир ги фасцинирал бројните посетители, зголемувајќи го сјајот и гламурот на жените низ светот. Во светот денес постојат само мал број на други езера, со слична старост, потекло и висок процент на ендемизам. Тука спаѓаат Бајкалското Езеро, Титикака, Викторија, Малави. Охридското Езеро има значајна туристичка и економска важност. Микроклиматските услови, главно предизвикани од езерото, создаваат услови за поволно одморалиште. Чистите води на езерото го прават едно од најголемите резервоари на вода за пиење во светот.

Хидробиолошки Завод - Охрид
Зоран Спирковски

Одбрани слики
forward_arrow back_arrow