Почетна :: Природа
Природа

Охридското Езеро - Ризница на растителен и животински свет

Kога се набљудува Охридското Езеро, во кое било годишно време, осветлено од сонцето, се добива впечаток дека тоа тукушто се родило, а неговите милиони години, колку што е старо, како да не постојат. Во неговите сини води постои растително и животинско царство за коешто денес единствено се знае од фосилите. Основен услов којшто го овозможил одржувањето на остатоците на прастариот растителен и животниски свет, како и неговата натамошна еволуција, е долгиот континуитет на егзистенцијата на Охридското Езеро. Всушност, Охридското Езеро почнало да живее уште пред појавата на човекот. Поточно, според професорот д-р Синиша Станковиќ, долгогодишен истражувач на ова езеро, тоа е старо околу четири милиони години. Настанало во дамнешните геолошки епохи со тектонско поместување на почвата. Денес, во светот има само неколку езера чија старост би можела да се споредува со Охридското Езеро. Можеби, единствено Тангањика во Африка и Титикака во Јужна Америка настанале во ист геолошки период.

Охридското Езеро и според начинот на својот настанок претставува интересна реткост. Тоа настанало со вертикално пропаѓање на почвата. Релативно мал број езера настанале на ваков начин. Меѓу другите, така настанало и најдлабокото Бајкалско Езеро во Сибир, во Русија, кое е стотина пати поголемо од Охридското Езеро. Водите на двете езера ги населува сличен ендемичен растителен и животински свет.

Охридското Езеро е сместено во котлина која од сите страни е опкружена со планини чии врвови често надминуваат 2000 метри надморска височина. На источната страна се наоѓаат планините Петрино и Галичица, со врвот Магаро (2255 м). Планината Галичица ја дели Охридската и Преспанската котлина. На јужното крајбрежје на езерото се наоѓаат албанските планини.

Охридското Езеро со право заслужува назив - македонско слатководно море, и тоа не само поради топлата сина боја, која е поинтензивна и од небесното синило, туку и поради големината, бидејќи зафаќа површина од 358 км2. Така, се добива впечаток дека пред нас се наоѓа голем морски залив или пак истргнато парче морска широчина, фрлено меѓу високите планини на надморска височина од 695 метри. А над езерото, на неговиот северен брег како посебен декор се издигнува древниот Охрид, сместен на двоен рид, чија највисока точка - Самуиловата крепост, се наоѓа на околу 800 метри надморска височина.

Речиси правилниот елипсовиден облик на езерото овозможува од безброј места, со поглед да се опфати целата негова живописна модросина површина. Од манастирот Свети Наум па сè до селото Радожда на спротивниот брег, по водата се протега невидлива гранична меѓа, којашто езерото го дели на два дела. Две третини од неговата површина и припаѓаат на Република Македонија, а една третина на Република Албанија.

Најголемата должина на Охридското Езеро изнесува околу 30 километри. Неговата широчина е различна - од максимална 15 км. до средна широчина од 11 км. Најголемата длабочина од 286 метри е измерена меѓу селата Пештани и Трпејца, на околу 5 км. од езерскиот брег. Средната длабочина на езерото е 151м.

За бистрата вода чија провидност изнесува и до 22 метри, што претставува вистинска реткост помагаат бројните подводни врутоци и изворите кои се наоѓаат по должината на источниот и јужниот брег. Најголемиот број извори се подземни притоци од соседното Преспанско Езеро, кое се наоѓа на поголема надморска височина, а исто така е создадено со тектонско поместување на почвата.

Најпознати извори се охридските Студенчишта или пак уште попознати како Билјанини извори, кои се наоѓаат во непосредна близина на градот. Силни извори има околу манастирот Свети Наум (29 км јужно од Охрид). Овие извори излегуваат од варовитите спили во подножјето на планината Галичица. Најпрвин водата се собира во едно живописно езерце, кое во текот на своето постоење формирало и две мали живописни островчиња. Кристално бистрата вода од езерцето преку една куса и брза рекичка се влева во Охридското Езеро.

Кај Струга (14 км од Охрид) водата на Охридското Езеро истекува низ реката Црн Дрим, која, во Албанија, се влева во Јадранското Море.

Од најстари времиња бреговите на Охридското Езеро биле густо населени. Во текот на подоцнежните векови, покрај многубројните помали, главно рибарски села, израснале и три големи населби: Охрид и Струга на македонската, и Поградец на албанската територија.

Со својата единствена флора и фауна, Охридското Езеро претставува еден од најголемите биолошки резервати на Европа. Уште првите научни истражувања, кои во Охридското Езеро беа вршени во текот на XIX век, открија дека во него, како едно од најстарите езера на нашата планета, се зачувал прастар жив свет кој во други места воопшто не постои или пак се среќава само во форма на фосили. Исклучително значење имаат охридските риби.

Рибната фауна на Охридското Езеро ја сочинуваат 17 видови, кои им припаѓаат на три групи: пастрмки, бели риби и јагули.

Десет вида меѓу охридските риби се ендемични. Меѓу најпознатите ендемични видови риби, кои го населуваат само Охридското Езеро се пастрмките: летница и белвица. Покрај јагулата, кленот, крапот, мрената, скобалот и моранецот, живее и малата риба плашица.

Охридскиот (тркалезен) ендемичен сунѓер претставува една од најинтересните реликтни форми во езерото. Во Охридското Езеро живеат и други видови сунѓери кои се пораспространети. Меѓутоа, охридскиот тркалезен сунѓер научниците го споредуваат единствено со ендемичните сунѓери во Тибериското Езеро на Блискиот Исток и во Бајкалското Езеро во Сибир. Заклучокот на научниците е дека: охридските, бајкалските и тибериските сунѓери претставуваат многу стари остатоци од некогашниот жив свет од евроазиската област што се сочувале до денес, секој вид во своето езерско живеалиште.

Систематските истражувања на водата на Охридското Езеро ги започнал проф. д-р Синиша Станковиќ (1892 - 1974) уште во 1922 година. Неговите проучувања за прастарата флора и фауна траеја повеќе од половина век, сè до неговата смрт.Тој докажа дека во ова езеро има многу ендемични и наполно непознати растителни и животински форми, и дека во тој поглед претставува единствен природен музеј. Токму поради тоа, Охридското Езеро е еден од природнитерезервати на нашата планета, а за науката особено значајно е тоа што мошне долго остана геолошки неизменето. А токму, тоа ова езеро го прави идеална лабораторија за откривање на многу тајни за настанувањето и за развојот на животот на Земјината топка. За континуираните истражувања на Охридското Езеро беше потребно да се организира научен центар во самиот Охрид. Така, во 1935 година, проф. д-р Синиша Станковиќ, кај охридските извори Студенчишта, го основа Хидробиолошкиот завод.

Изминатите децении, Охридското Езеро ги заинтересира научниците од целиот свет. Ова езеро спаѓа меѓу најмногу и најдолго континуирано-проучуваните езера. Овој факт, веројатно беше и една од причините, група американски лимнолози во 1972 година да им се придружи на македонските колеги и заеднички да се обидат да ги откријат уште неоткриените тајни на езерото. А, носители на заедничкиот научно-истражувачки проект меѓу 1972 и 1983 година беа Смитсоновата задужбина од американската страна, и Хидробиолошкиот завод од Охрид од македонската страна.

Охридското Езеро отсекогаш имало големо економско значење за животот во овој крај. Уште од памтивек рибарството претставувало една од најважните стопански гранки за жителите на охридското крајбрежје. Под влијание на Јадранското Море, Охридската котлина има менлива медитеранска клима. Во охридскиот крај успеваат медитеранските растенија: чемпреси, бадеми и смокви. Целата зона со планините што го опкружуваат Охридското Езеро се наоѓа во котлина, во која се судруваат јадранската, егејската, континенталната и високопланинската клима.

На Охридското Езеро, во текот на летната сезона се одржува Меѓународен пливачки маратон. На овој натпревар, кој првпат се одржа во 1962 година, учествуваат пливачи од целиот свет. Опсежните проучувања од страна на медицинските експерти потврдија дека на бреговите на Охридското Езеро постојат одлични услови за развој на здравствениот туризам. Релативно нискиот атмосферски притисок, големиот број сончеви денови, поволното струење на воздухот, благите промени на температурата од едно во друго годишно време и многу други климатски погодности на охридското крајбрежје, благотворно влијаат врз човечкото здравје. Според лекарите има идеална клима за лекување кардиоваскуларни болести, особено за постинфарктен третман. Ладната езерска вода е мошне корисна за лекување на проширени вени. Лекарите особено постарите пациенти ги советуваат за користење престој кај манастирот св. Наум и кај селата Љубаништа и Трпејца. Ова подрачје крај бреговите на Охридското Езеро е идеално за климатотерапија. Поради близината на планината Галичица која се наоѓа помеѓу Охридското Езеро и Преспанското Езеро, езерската клима е корисна за анемични лица. Надморската височина и чистиот воздух го поттикнуваат создавањето на црвените клетки. Водите на Охридското Езеро благотворно делуваат и за лекување детска парализа.

Подводна и крајбрежна археологија на Охридското Езеро

Под водите на Охридското Езеро се наоѓаат археолошки резерви од праисторијата,наваму. Кон крајот на ХХ век од страна на охридски нуркачи откриени се неколку наколни праисториски живеалишта во месноста Градиште кај селото Пештани. Најголемото подводно археолошко наоѓалиште во Македонија беше откриено од група струшки рибари, кон средината на осумдесеттите години на ХХ век во Врбник кај Струга.

Со епохалното археолошко откритие кај населбата „Охридати” во крајбрежниот појас на Охридското Езеро, уште еднаш се потврдува дека под водите на Охридското Езеро се наоѓаат археолошки резерви од периодот на праисторијата па наваму. Крајбрежниот простор кај Охридското Езеро од хотелот Палас до населбата „Охридати”, лежи на остатоци од неколку наколни населби од времето на неолитот па сè до крајот на бронзеното време. Сите нови куќи се изградени врз остатоци од наколни живеалишта во овој крајбрежен дел од центарот на Охрид.

Галичица – Национален парк

Ако како и за многумина Охридската убавина ве понесе на патот кон овој светски град на цивилизацијата завршете го вашето патување со Галичица убавата планина со тајни за барем уште милион години, рекле за неа некои истражувачи.

Галичица е јавето кое веројатно како убавина барем еднаш сте го виделе на сон. Галицица не може да се раскаже како и многу други места и објекти во Охрид но затоа чуството да се доживее нејзината убавина е неповторливо. Во Македонија библиската земја има неколку места кои ја објаснуваат нејзината единсвеност, едно од нив како природна убавина, или како што Охригани велат - божји дар е Галичица.

Во 1958 година поради својата исклучителна природна убавина и богата ендемична флора и фауна Галичица е прогласена за Национален парк.

Тој се простира на на југозападниот дел на Република Македонија на тромегето на Македонија, Албанија и Грција. Во границите на националниот парк се вклучени и двете езeра Охридско и Преспанско како и островот Голем град во Преспанското езеро.

Нациналниот парк Галичица има три зони:

  • Строго заштитена зона
  • Туристичко-рекреативна зона и
  • Економска зона

Галичица изобилува со ретки видови на растителен и животински свет. Она што не смеете да го пропуштите се Изворите на Црн Дрим во непосредна близина на комплексот СВ. НАУМ каде за цена од 50 до 100 денари можете да си дозволите возење со мало бродче до и покрај триесетте подводни и петнаесет крајбрежни извори во единствен амбиент и неповторливо доживување.

На 1735 м надморска височина на Галичник се наоѓа местото ВИДИКОВЕЦ – ГОГА од каде можат да се видат двете езера Охридското и Преспанското. На Галичица има и пешачка патека – Асан Џура како и велосипедска патека за љубителите на овој спорт. За љубителите на пештерската убавина на Галичица се наога 224м долга и 6 метри широка пештерата Саматска Дупка. За оние кои се љубители на селскиот туризам и еколошка храна на Галичица е лоцирано и Бачило –Планинска куќа.

Одбрани слики
forward_arrow back_arrow