Почетна :: Сказанија
Сказанија

Срцето на Свети Наум

На речиси најјугозападната точка во Македонија, на замо 1 км од границата со Албанија, веќе 1100 г. стои манастирот Св. Наум, со манастирската црква Св. Архангел. Како и сите градители на манастири, и св. Наум имал извонреден усет да го одбере местото на градењето - карпа над самото езеро, крај која шумолат виолетово-бистрите, девствени извори на Црни Дрим, кој токму на ова место извира и веднаш се влева во Охридското Езеро. Над манастирот се издига Галичица, послана со ливади на кои растат најмиризливата мајчина душичка, кантарионот, планинскиот чај. Наум како да барал место на кое со неговите лекувачки моќи ќе им помага на луѓето.

За животот на Наум има помалку извори - напишани се три житија, а познато е житието на Наум што го напишал архиепископот Константин Кавасила (XIII в.).

Заедно со Климент, Ангелариј и Горазд, и Наум, како еден од четворицата најдобри ученици и најверни следбеници на светите браќа Кирил и Методиј, по нивната смрт, заминува од Моравија, гонет од германо-латинските свешеници. Се засолнуваат прво во Сирмиум, бискупски град на св. Андроник, за потоа преку Белиград, жарот и светлината што ги примиле од Светите браќа да ги понесат во Бугарија, каде што кнезот Борис настојува да го христијанизира населението. Климент и Наум не сакале да се разделуваат, но сепак кнезот го праќа Климент во Кутмичевица, а Наум за тоа време престојува во манастирот Св. Архангел кај Плиска. На Климент му се придружува во родниот крај дури седум години подоцна. Откако Климент во 893 г. добил навестувања дека ќе биде поставен за епископ Охридски, знаејќи дека срцето на Наум чука за Охрид, тој на кнезот Симеон му пишува: “Јас ја знам неговата болка... Изморен е и болен Наум... Тој сака остатокот на животот да го помине во крајот во кој се родил и кој, исто како и јас, како младо момче го оставил зад себе. Пушти го отецот Наум да дојде кај мене... Кој ќе го продолжи она што како Учител сум го правел во Кутмичевица? Тоа би можел само Наум.”

Така, со ослабена сила но со голем елан, Наум му се придружува на Климент во Охрид, каде што набргу почнува да го гради својот манастир. Во него организира монашко братство, препишувачко училиште, а својата чудесна моќ ја користи за лекување на болните, особено од душевни болести.

Умира во 910 г. и вечниот мир го наоѓа во својот манастир, во гробот кој се наоѓа во капелата од јужната страна на црквата.

Чудата не престанал да ги прави и откако починал. Петте сцени на фреските на ѕидовите на неговиот параклис се доказ за тоа: "Впрегната мечка во џевгар”, “Здрвувањето на монахот кој се обидел да го украде телото на Свети Наум”, Лекувањето на ментално заболените лица” , “ Крадец на коњи кој останал до зори пред црквата на манастирот” , и “ Кантата прави дупка во каменот”.

Според манастирските извори, тука во 1662 г. била болница, а два века подоцна лингвистички центар во кој се школувале некои од највидните личности од македонската литература, ако што е Димитар Миладинов (Самата црква има значење за лингвистиката поради натписите на кирилица и глаголица од X до XII в., едни од најстарите пишани докази за словенската писменост).

Дека св. Наум и по смртта е Чудотворец докажува и судбината на неговиот манастир: тој бил уништен пред доаѓањето на Турците и обновен во XV/XVI век. Иконостасот во копаница е изработен во 1711 г. од непознати мајстори, а четири години по пожарот во 1802 г., обновената црква и параклисот ги живописал зографот Трпо од Корча. Неговиот татко Константин ги изработил петте големи олтарни икони. Уште еден пожар во 1875 г. уништува дел од конаците и тие повторно се обновени, за денес дел од нив да бидат претворени во репрезентативен хотел.

Но, и ден денешен, по столетни премрежjа, кога ќе го ставите увото на надгробната плоча на неговиот саркофаг, срцето на Наум се уште чука.


Милениумската „Света Софија“

Катедралната црква „Света Софија“ во Охрид е еден од најстарите и најраскошните христијански храмови во Македонија. Посветена на света Софија, односно на Христос како Божествена Премудрост, црквата што по повеќе од еден милениум до денес тивко, но гордо му пркоси на времето, е изградена врз темелите на постара црква, во времето на големата мисија на св. Кирил и св. Методиј, кога македонските Словени го примиле христијанството на словенски јазик. Кога царот Самуил ја пренел својата престолнина од Преспа во Охрид, црквата служела како Катедрален храм.

Во XI век „Св. Софија“ била „Голема црква на Охридската архиепископија чијашто црковна власт се протегала на огромна територија, од Дунав до албанскиот брег на Јадранското море и до Солунскиот Залив. Во наредните векови, со оглед на нејзиниот висок углед во православниот свет, местото архиепископ го заземале најугледните личности од Источната екумена (Теофилакт Охридски, Димитриј Хоматијан...), коишто секогаш го истакнувале нејзиното јустинијанско потекло.

Архитектура: „Св. Софија“ има облик на трибродна базилика, со купола и галерии на бочните ѕидови, а уште во XI век имала и припрата. Во 1313/1314 г. архитектонски е заокружена со градењето на величествената припрата со галерии на спратот и кули од северната и јужната страна, една од најубавите градби од XIV в. во византиската и македонската градителска култура (дело на архиепископот Григориј I, кој уживал голема доверба од царот Андроник II Палеолог). Во втората половина na XV век била претворена во џамија, фреските биле варосани, камениот олтар отстранет, куполата била урната и било подигнато минаре. Црквата му одолеала на времето и дури по Втората светска војна била заштитена од пропаѓањето. Фреските кои што тогаш се појавиле под турскиот малтер се меѓу најдрагоцените во ризницата на средновековната уметност.

Ѕидно сликарство: Живописот во „Св. Софија“ потекнува од времето по пропаѓањето на Самуиловото царство. Тогаш, архиепископ охридски е Леон (1037–1056), истакнат црковен поглавар, полемичар, писател и еден од најобразованите луѓе во тоа време. Леон ја обновил и ја проширил црквата и бил ктитор на сликарската декорација. Тој самиот ги избрал тематските целини и нивниот распоред на ѕидовите. Постариот живопис на „Св. Софија“ му припаѓа на монументалното сликарство на XI век, а авторите веројатно биле од некои од поразвиените сликарски центри.

Најистакнато место, во олтарот, имаат ликовите на повеќе од 60 цариградски патријарси (св. Василиј Велики, св. Јован Залтоуст, св. Јован Богослов...), а во бочниот простор се претставени ликовите на шестмина римски папи, распоред што го одразува односот помеѓу Источната и Западната црква пред нивниот расцеп во 1054 г. Меѓу претставниците на Александриската, Антиохиската и Ерусалимската патријаршија, на Кипарската архиепископија и некои епископии, се наоѓаат и ликовите на словенските светители, св. Кирил Филозоф и св. Климент, неговиот ученик и заштитник на градот, како и на св. Методиј, чијшто култ во Охрид нараснал во X и XI в.

Најпопуларни и најблиски за набљудувачите се фреските на јужната страна: Света Троица (како три ангели во посета на Аврам), Гостољубието Аврамово и Жртвата Аврамова. На северната страна вниманието го привлекуваат композициите Тројца Евреи во огнена печка и Скалите на Јаков, како и Службата на Василиј Велики и Света Софија Премудроста Божја, со изглед на ангел кој на сон им се јавува на св. Василиј и на св. Јован Златоуст. На полукружниот свод доминира Вознесението Христово, а во наосот се наоѓа циклус фрески посветени на најзначајните празници, Раѓање Христово, Воведение Богородичино и Успение Богородичино (која спаѓа во најстарите композиции на оваа тема во византиската уметност, воопшто). Карактеристични се и две претстави на Богородица со детето Христос: на првата Христос е со голи и вкрстени нозе, а на втората Богородица седи на низок басамак, навестувајќи ја појавата на Богородица на скромноста (делл' Умилитà). Овие две фигури се иконографски модели на емотивниот однос меѓу мајката и детето, подоцна прифатени и од мајсторите од Запад.

Некои делови на црквата се осликани во првата половина на XIV в. од познатиот мајстор на охридските работилници, Јован Теоријан и неговите ученици. Спратот на нартексот, параклисот на деспот Оливер и Григориевата галерија, се живописани во време на архиепископот Никола кој бил мецена на уметноста. Тематиката на Григориевата галерија ја следи судбината на душата, на композициите Историјата на старозаветниот Јосиф (овој циклус, заедно со истоимениот во црквата „Сан Марко” во Венеција е најопширна илустрација на оваа тема во Источната и Западната средновековна уметност), Канонот за разлачување на душата од телото (редок циклус, откриен уште само во манастирот „Хиландар” на Света Гора) и Страшниот суд.

Во Катедралната црква „Св. Софија“, поради нејзината извонредна акустика, традиционално се одржуваат музички и литературни манифестации во рамките на Охридско лето.

И денес, кога влегувате во овој редок и блескав монумент на средновековната уметност, го чувствувате зрачењето на илјада години од нејзините ѕидови и меморијата на цела една цивилизација впишана во нив. Земското време престанува да постои и Вие сте во безвремената убавина на Божествената Премудрост, „Св. Софија“.


Свети Еразмо во Градот на светлината

На патот за Охрид, а пред самиот влез во градот, стои мала, скромна табла со натпис „Свети Еразмо“. Таа води до истоимената трикорабнатa базилика од V в. посветена на овој светец, еден од 14-те светци помагачи во неволја. Покрај оваа, во близината се наоѓа и мала пештерна црква од XIII в., а неговите портрети се насликани, освен во оваа црква и во црквата „Св. Јован Богослов-Канео“, каде што е претставен заедно со св. Климент, заштитиникот на Охрид.

Кога се родил Еразмо, не се знае. Како млад станал антиохиски епископ. Диоклецијан го нарекувал млад и убав, но го измачувал заради неговата вера во Христа. Македонската словенска традиција му припишува мисионерска активност од десетина години (293-303), нарекувајќи го прв и вистински мисионер во Охрид.

За животот на св. Еразмо дознаваме од две житија од IX и XI в., во кои се кажува дека тој во Лихнид дошол на крајот од III в. н.е., носен на крилата од ангел кој го спасил од тортурите на царот Диоклецијан (284-305) во Антиохија. Ангелот го извел од ужасната темница и го однел во Градот на Светлината, каде што тој веднаш почна да го проповеда Христовото евангелие и направи разни чуда: на слепите им даваше вид, а разболените од разни болести ги лекуваше.

„ ...Имаше и некој благородник и првенец во овој град, по име Анастас, чиј син лежел мртов, а неговото тело го носеа да го закопаат... Доаѓајќи на неговиот гроб блажениот рече: ,Анастасе, ако ти веруваш во господа Исуса Христа, родениот од светиот дух и девицата Марија, ќе ти го врати синот.’ Потоа, клекнувајќи над телото, викна со силен глас: ,Детенце, воскресни!’ Пред овој глас детето воскресна и викна гласно: ,Голем е богот на христијаните!’... Така поверува Атанас и целата негова куќа поради што во тој час од присутниот народ се покрстија 40 илјади луѓе. И го благослови господ својот народ којшто тој ден поверува, а и потоа. А Светиот Еразмо цели седум дена не запре учејќи го народот божји,..“

Кога дознал, царот Максимијан го викнал во Сирмиум за да го казни, ама пред тоа му го покажал големиот бакарен кип на Зевс, од околу 12 лакти, за да му се поклони. Штом Еразмо погледнал во него, кипот паднал и се претворил во прав... Од присутниот народ тој ден се покрстија 30 илјади луѓе, но царот нареди сите покрстени да се убијат, а св. Еразмо да го казнат облекувајќи му вжештена облека од бакар. На ова св. Еразмо почнал да пее: Поминавме низ оган и вода, но н¢ изведе повторно во блаженство... Вжештената облека веднаш се излади како снег...“ Ангелот повторно го спасил св. Еразмо поведувајќи го до Драч, од каде на кајче среќно допловил до Формија, Италија. По седум дена умрел (2 јуни 303 г.), исцрпен од напори и мачења, поради што е почитуван како маченик. По пустошењето на овој град во IX в., неговите мошти биле пренесени во Гаета.

Така, Еразмо станал универзален патрон на сите морнари (особено го почитувале во Италија, Франција, Шпанија и Португалија), а неговиот атрибут бил бродска макара со навиткано јаже. Во Белгија, Германија и некои други земји постојат слики на светецот со раскината утроба зашто го сметале за заштитник од стомачните и породилните болки. Во многу краишта се почитувал и како заштитник од добиточните болести и епидемии, а во некои и како патрон на рударите и стругарите.

Дека навистина живеел, го проповедал христијанството, правел чуда и бил маченик докажуваат неговите житија. Култот кон него во Охрид се негува уште од времето кога се викал Град на Светлината (Лихнид). Затоа тој засекогаш останува св. Еразмо Лихнидски.


Светлината на Свети Климент

Охрид - кога доаѓате тука за првпат или по-кој-знае-кој-пат, кога влегувате во Св. Софија, Св. Јован Канео, Св. Богородица Перивлепта или се искачувате на волшебниот Плаошник, секогаш и секаде имате чувство дека ве проникнува чудесен зрак на необјаснива светлина кој не доаѓа ниту од сонцето кое изгрева над Галичица, ниту од проѕината вода на Езерото, древни времиња наречено Бело, а сега го носи името на градот, Охридско. Таа светлина зрачи од сеприсутниот дух на светецот заштитник на градот, основачот на Охридската архиепископија и нејзин прв епископ, просветител и втемелувач на старословенскиот јазик како трет службен јазик на православната црква, свети Климент Охридски. Неговото заштитничко присуство, онака како што го носи во раката моделот на градот Охрид на фреската во црквата Св. Спас во с. Лескоец, го чувствувате кога чекорите по тесните, камени улички во стариот град, кога ве заплиснуваат далгитe од „стрмецот“, кога влегувате во бело варосана охридска куќа чиишто еркери ги надвиснуваат минувачите, кога вџашени над скаменетото време ги допирате ѕидовите од неговите древни цркви и, соочени со ликовите од фреските и иконите, се соочувате со вечноста наспроти сопствената дребност и минливост. И пак, Климента го чувствувате секаде.

Легендата вели дека „кога св. Климент стигнал во Охрид, не само што почнал да ги подучува неговите жители на глаголското писмо на светите браќа Кирил и Методиј, туку, гледајќи дека луѓето живеат во колиби покриени со слама и потпрени со диреци, почнал да ги подучува како да градат убави куќи од камен. Прво тој ја соѕидал неговата црква, а потоа сите почнале да ѕидаат убави камени куќи“. Ги учел да садат и да калемат овошки, ги лекувал со тревки и разни растенија, ги подучувал како да избегнат опсади на освојувачки војски.

Климент, еден од најдобрите ученици на св. Кирил и Методиј, кој учествувал во нивната Моравска мисија, особено бил близок со Методиј уште од својата младост. По смртта на своите учители, тој и неговите соученици биле протерани од Моравија и Панонија, па Климент со указ на кнезот Борис во 886 г., на возраст од 45 години, бил упатен во областа Кутмичевица (во околината на Охрид) да го зајакне христијанскиот дух и верата на луѓето, да ги подучи и описмени. Околу себе собрал 3.500 ученици, па се смета за основоположник на првиот голем словенски Универзитет. Седум години ја ширел светлината на знаењето, преведувал Евангелија, ги поставил основите на црковнословенскиот јазик, ја создал првата црковна библиотека на Балканот, бил музички педагог и композитир на духовни творби, па во 893 г. бил поставен за прв словенски епископ на Охридската црква, наследничка на традицијата на Јустинијана Прима. Климент, епископот Велички, апостолски мисионер, Учител, преведувач, поет, станува столб на Црквата словенска и охридска. Неговиот биограф, охридскиот архиепископ Теофилакт, вели дека „Климентовите песни наликувале на псалми“, толку добро ја познавал библиската книжевна вештина. Се знае и дека течно зборувал и пишувал латински, хеленски, хебрејски, хазарски, а го познавал и арапскиот - бил голем ерудит, со еден збор - гениј.

Неговиот собрат Наум бил повешт како исцелител, просветител и препишувач. Во Охрид дошол на барање на Климент, но веќе со ослабена енергија. Сепак, Наум со голем елан ја продолжил работата, дополнувајќи го Климентовото дело. Toj сe смета за основач на монаштвото во Македонија.

И Климент и Наум на брегот на Езерото изградиле свои манастири: Климент над градот го изградил манастирот Св. Пантелејмон, а Наум подигнал манастир на спротивната, јужна страна од Езерото. Наум починал во 910 г. и бил погребан во својот манастир. Легендата му гo дала епитетoт Чудотворец, и така е почитуван и славен во македонскиот народ. И денес, кога ќе ставите уво на неговиот гроб, (велат дека) се слуша чукањето на неговото срце.

Климент починал шест години по својот собрат и погребан е во гробот кој самиот си го подготвил, од десната страна на предолтарниот простор, во неговата црква на Плаошник.

Климент и Наум на својот македонски народ му оставиле бесценето добро - лингвистичка и книжевна традиција и култура која била прифатена не само од тогашниот освојувач, бугарскиот цар, туку и од градовите на Св. Тројство во христијанската традиција: Рим, Цариград и Ерусалим, но најважно од сP, била прифатена од нивниот народ. Охрид, со заслуга пред сP на Климент, добива значење на словенски ренесансен центар. Светлината што ја донел во Охрид Климент, а подоцна и Наум, и денес како ореол зрачи над нивниот град и неговите луѓе. Тоа е онаа чудна, необјаснива светлина што зрачи од секое камче во Охрид.

Затоа од Охрид понесете си едно камче. Да не ја заборавите Светлината.


Охридска Архиепископија

Македонија е библиска земја. Таа е првата земја на европска почва во која апостолот Павле заедно со апостолите Сила, Тимотеј и Лука меѓу 51 и 54 г. го посеал семето на христијанството, а Лидија од градот Тијатир која тогаш престојувала во Фили­пи, е првата македонска, па и европска христијанка.

Меѓу градовите што од времето на најраното христијанство ја носат Христовата светлина и Божјото слово е и Охрид. Македонската православна црква се гордее со своите корени кои допираат дури до X в., кога Охридската епископија добила ранг на архиепископија. Црквата на св. Климент, тој храм на љубовта, доброто и мирот, живее до денес. Таа во својата бурна, илјадагодишна историја бележи високи дострели, подеми, длабоки кризи, негирања, укинувања, но и повторни оживотворувања, воскреснувања.

Шеесет години по смртта на св. Климент, во 976 г., по успешното окончување на второто востание, Самуил од моќната Византија оттргнува огромна територија населена со Словени (од Солун до Задар, од реката Бистрица до Сирмиум), создава силна македонска држава и се прогласува за цар. Неговото царство е израз на духовните стремежи на св. Климент и Наум. За своја престолнина Самуил ја одбира Преспа, а за прв архиепископ го прогласува Герман - Гаврил. Некои историчари сметаат дека Самуил ја подигнал Охридската архиоепископија во ранг на Патријаршија, но непобитен факт е дека тој се изборил за автокефалноста на Црквата.

По смртта на Герман, седиштето на Архиепископијата повторно се враќа во Охрид, во Катедралната црква Св. Софија што ја изградил Самуил. Последен поглавар на Охридската црква до пропаѓањето на Самуиловото царство во 1018 г. бил Давид (според Хрониката на Ј. Скилица).

Византискиот цар Василиј II го вратил достоинството на црквата во Архиепископија и за архиепископ го прогласил знаменитиот Јован Дебарски, првиот македонски поглавар во Византија, а пред тоа игумен на манастирот Св. Богородица кај Дебар. Тој е основач и ктитор на манастирот Св. Јован Бигорски (околу 1020 г.). Како мудар и морален човек бил особено почитуван од народот, а како поглавар во историјата на Охридската архиепископија се смета за еден од најдобрите. Неуморно се борел за зачувување на автокефалноста на Архиепископијата и на дадените економски привилегии кои животот во селата го направиле поподнослив. Јован останал поглавар се до својата смрт и го надживеал не само Василиј II, туку и неговите наследници, а починал дури за време на третиот наследник на Василиј, Михаил IV Пафлагонец. По смртта на Јован во 1037 г. на тронот на Охридската архиепископија веќе не се наоѓаат словенски поглавари.

Со пропаѓањето на Византија во 1204 г., доаѓа XIII век, исполнет со војни, политички промени и страдања. Со освојувањето на Македонија српскиот цар Душан Силниот го зазема и Охрид во 1334 г. Кон крајот на XIV век, сите македонски кнежевства потпаѓаат под османлиска власт, па нивната судбина ја дели и Охридската архиепископија.

Првиот архиепископ под турска власт е Матеј, кој успева да го легализира правниот статус на Црквата. Меѓутоа, црковната организација слабее, осиромашува, а заедно со нив и духовниот живот. Во борбата за автокефалност особено се истакнале архиепископите Гаврил, Атанасиј и Јоасаф. Во половината на XVIII век борбите завршиле неуспешно, па шест месеци по укинувањето на српската црква, во 1767 г. била забранета и работата на Охридската архиепископија.

Точно по две столетија исполнети со борба за сопствена држава, на III Македонски црковно-народен собор одржан на 18 јуни 1967 г. во црквата Св. Софија во Охрид, Македонската православна црква како наследничка на Охридската архиепископија ја прогласи својата автокефалност, а нејзин прв архиепископ стана г. г. Доситеј.

Ризница на црковно богатство

„Св. Јован Богослов-Канео“ (XIII/XIV в.)

Подигната на карпа над самиот брег на езерото, оваа црква со време станала визуелен идентитет на Охрид. Името Канео потекнува од истоимената некогашна рибарска населба во околината. Според изгледот на горниот дел од осумаголната купола со ребрести триаголни венци, црквата се смета за единствена во Македонија во која се чувствува влијанието на ерменската градителска традиција. Живописана е од мајсторот Јован, најпознатиот пред појавата на Михаил и Евтихиј, во духот на комненската традиција. Од посебно значење е композицијата на која се наоѓа еден од најстарите портрети на св. Климент, од XIII в., крај кого е насликан св. Еразмо (негов единствен зачуван портрет) и архиепископот Константин Кавасила. Во горната зона на олтарот е композицијата „Причестување на апостолите”, во која што тие се прикажани во царско руво, што е единствена фреска во целото византиско сликарство. Живописот е дело на мајсторот Јован (претходник на Михаил и Евтихиј), кој се уште се придржувал на стилот на Комнените, кој е архаичен во однос на новиот стил на Палеолозите.

„Св. Богородица Перивлептос“ (XIII в.)

Една од најзначајните охридски цркви, не само поради староста туку и зашто во османлиско време, откако ,,Св. Софија” била претворена во џамија, а моштите на св. Климент биле пренесени во неа, станала соборна црква на Охридската архиепископија и тоа останала до нејзиното укинување во 1767 г. Народот оттогаш почнал да ја нарекува ,,Св. Климент”.

Таа е во целост сочувана и е позната по извонредната архитектура и ѕидното сликарство. Црквата е во форма на впишан крст, а подоцна се додадени егзонартексот и два параклиси. Нејзин ктитор бил војсководецот Прогон Згур, зет на византискиот император Андроник II Палеолог. По негова нарачка фреските ги живописале најпознатите охридски мајстори Михаил и Евтихиј во 1295 г. Со нив започнува тнр. „Ренесанса на Палеолозите”, на што особено упатува композицијата „Оплакување на Христос”.
Од десната страна се наоѓа Галеријата на охридски икони, најскапоцената охридска ризница која од 1983 г. ги чува највредните икони од охридските цркви. Најстарата икона од оваа колекција „Четириесет севастиски маченици”, која потекнува од XI век. Камбанаријата од левата страна на влезот е подарок од Михајло Пупин од 1924 г. Во нејзината припрата од 1516 г. бил отворен црковен музеј, кој се смета за еден од најстарите во светот.

„Св. Богородица Заумска“ („Св. Заум“, XIV в.)

Оваа црква, подигната во 1361 г., има единствена локација: до неа се доаѓа само со кајче, по воден пат. Се наоѓа на југоисточната страна на езерото, на 20-тина км од Охрид, во близина на селото Трпејца.

Легендата вели дека царската ќерка била во посета на манастирот „Св. Наум” и кога требало да се тргне назад, кон Охрид, на езерото се подигнале големи бранови. И покрај советите да почека, таа тргнала, но едвај успеала да се спаси, токму на ова место. Како благодарност и „за ум“, таа ја подигнала оваа црква. Но, според историските податоци таа е задужбина на ќесарот Гргур, брат на Вук Бранковиќ, а ктитор е деволскиот епископ Григорие. Градена е во форма на впишан крст, со централна купола, а во времето на градењето имала и припрата. Живописот е доста оштетен, но забележливо е мајсторството на зографот, природното обликување на композициите, рафинираниот вкус со жив колорит и светла гама. Забележливи се фигурите во цел раст на св. Климент и Наум, на Христос, Богородица во царско руво, на пустиножителите, како и на св. Петар и павле, св. Ѓорѓи и св. Димитрија во властелинска облека.

„Св. Богородица Болничка“ и „Св. Никола Болнички“

Две мали цркви во самиот град, градени една до друга, во Болничко маало, по кое ги добиле имињата. Според преданието и двете цркви биле претворани во болници во време на епидемии (одделно женска и машка).

„Св. Богородица Болничка“ е еднокорабна црква градена меѓу 1335-45 г., а живописана е и во времето на градењето, но и во подоцнежните векови (од XV до XIX). Првиот слој икони открива дело на талентиран локален мајстор. Иконите се дело на дебарскиот мајстор Никола, од првата половина на XIX в. Во црквата се наоѓа заедничка гробница на охридски граѓани чиишто останки се извадени од поединечните гробови во дворот на црквата.

„Св. Никола Болнички“ е изградена 1313 г., а позната е по двостраната икона на која се наоѓаат портретите на св. Наум од XIV в. и на св. Архангел Михаил од XVII в.. Околу црквата се наоѓаат стари гробишта.

Пештерни цркви во околината на Охрид

На 2 км пред Охрид се наоѓа пештерната црква „Св. Еразмо“, посветена на антиохискиот архиепископ Еразмо, од III/IV в. Малите конаци укажуваат дека тука живееле поединечни испосници или мало испосничко братство. Добро е зачуван портретот на царот Андроник ИИ Палеолог од XVIII в. и фреската на Архангел Михаил.

Пештерната црквичка „Св. Стефан Панцир“ се наоѓа на 5 км јужно од Охрид, а посветена е на првиот христијански маченик, Архиѓаконот Стефан. Од јужната страна е преградена со ѕид од кршен камен. Постои од времето на засиленото пустиножителство, а живописана е дури во XIII в., во времето на процутот на уметничката дејност.

SНа 20-тина км од Охрид, десно од патот што води кон „Св. Наум“, е црквичката „Св. Богородица Пештанска“. Во неа се наоѓаат најзачуваните фрески во пештерните цркви на Охридското Езеро.

Во Струшко се наоѓаат уште две вредни пештерни цркви, „Св. Атанасиј“ кај манастирот Калишта и „Св. Архангел Михаил“ високо во карпите над Радожда. Двете се живописани во XIV в., а само во втората е зачувана фреската „Чудото во Хона“, од XIII в.

Одбрани слики
forward_arrow back_arrow