ИВО АНДРИЌ, Нобелов лауреат (фрагмент од патеписот “Крај светлото Охридско Езеро”)
Охридското Езеро е сместено во котлина која од сите страни е опкружена со планини чии врвови често надминуваат 2000 метри надморска височина. На источната страна се наоѓаат планините Петрино и Галичица, со врвот Магаро (2255 м). Планината Галичица ја дели Охридската и Преспанската котлина. На јужното крајбрежје на езерото се наоѓаат албанските планини.
Охридското Езеро со право заслужува назив – македонско слатководно море, и тоа не само поради топлата сина боја, која е поинтензивна и од небесното синило, туку и поради големината, бидејќи зафаќа површина од 358 км2. Така, се добива впечаток дека пред нас се наоѓа голем морски залив или пак истргнато парче морска широчина, фрлено меѓу високите планини на надморска височина од 695 метри. А над езерото, на неговиот северен брег како посебен декор се издигнува древниот Охрид, сместен на двоен рид, чија највисока точка – Самуиловата крепост, се наоѓа на околу 800 метри надморска височина.
Речиси правилниот елипсовиден облик на езерото овозможува од безброј места, со поглед да се опфати целата негова живописна модросина површина. Од манастирот Свети Наум па сè до селото Радожда на спротивниот брег, по водата се протега невидлива гранична меѓа, којашто езерото го дели на два дела. Две третини од неговата површина и припаѓаат на Република Македонија, а една третина на Република Албанија.
Со својата единствена флора и фауна, Охридското Езеро претставува еден од најголемите биолошки резервати на Европа. Уште првите научни истражувања, кои во Охридското Езеро беа вршени во текот на XIX век, открија дека во него, како едно од најстарите езера на нашата планета, се зачувал прастар жив свет кој во други места воопшто не постои или пак се среќава само во форма на фосили. Исклучително значење имаат охридските риби.