Град

Охрид - стариот град на светлината

Почитувани гости,

Добредојдовте во Охрид, градот на светлината,трезор на богато културно историско наследство во кој сите цивилизации, оставале свои траги.Добредојдовте во магичното место каде на чудесен начин се спојуваат културното и природното наследство и нашата гостопримливост, град кој многу светски трагачи по убавини го нарекуваат македонскиот дел од рајот.

Охрид, со своите природни, културни, духовни и историски посебности е најразвиениот туристички и културен центар, не само во Република Македонија, туку на Балканот и пошироко во Европа и Светот. Овие вредности ги препознал и светот, па затоа Охрид и Охридското Езеро, како ретко културно и природно наследство  се на листата на УНЕСКО. Вистински раритет е тврдењето на светската научна јавност дека во Охрид  7000 години има континуиран живот,  а остатоците на цивилизациите се забележливи во над 250 досега откриени археолошки локалитети.

Овој водич, нека Ви биде патоказ за нови доживувања.Нека Ве носи низ бележитите историски локации, ретките природни убавини,нека Ве носи далеку низ вековите во минатото, но нека Ви овозможи да ја почувствувата сегашноста. Ве уверувам дека со секој поминат чекор на ова парче света земја ќе станете дел од охридските приказни, кои кога ќе се вратите дома ќе им ги прераскажувате на најблиските.

Ве поканувам, да ги вкусите специјалитетите од охридската и македонската традиционална кујна , а додека разговарате за Охрид, како наши искрени пријатели, убавите зборови  споете ги  со убавото вино.Ние сме осведочени срдечни домаќини и Ви ветуваме пријатен и незаборавен престој во Охрид, кој ќе Ви ги исполни душата и срцето.

Имајте пријатен престој во Охрид и понесете убави спомени, кои постојано ќе Ве тераат да се вратите во градот на светлината.

 

Градоначалник

КИРИЛ ПЕЦАКОВ

 

Ова не е приказна,

Туку реалност која е вечна и никој досега не успеал да ја раскаже. Веројатно не се ни обидел. Во светот постојат неколку места кои едноставно не се раскажуваат. Пред нивните споменици, остатоци од цивилизацијата и храмови во кои се заборава идентитетот, интелектот ви дозволува само почит и размислување, колку уште овде може да се дознае и да се истражи. Овде во Охрид и најумните и најмудрите и најмоќните низ вековите имале една цел, да остават барем свој белег. Охрид едноставно не се освојувал, бидејќи веднаш станувал седиште на најмоќниот и повторно го живеел своето време каде победникот кој влегувал во градот не јуришал, туку се поклонувал.

И денес е така,

Во Библиска Македонија, сите патишта водат кон Охрид. Тој што доаѓа во овој град прво се воодушевува, а потоа длабоко во душата се поклонува пред неговите белези, кои едноставно ве тераат да разберете или можеби да се запрашате – зошто некои места се избрани да бидат поинакви, возвишени и единствени на светот.

Таков е Охрид,

Стариот Лихнидос чија тврдина првпат се споменува уште во 3 век пред нашата ера од историчарот Ливиј. Овде според истражувачите престојувал апостол Павле на својот пат на учењето во верата за Христа.

Охрид е центарот на христијансвото на сите Словени, седиште на архиепископијата, на првите школи и универзитети на овие простори но и многу подалеку. Денеска Охрид е центар на светски археолошки откритија и наоѓалишта. Охрид е градот на 365-те цркви. По една црква за секој ден во годината.

Уште во 14 век патеписецот Евлија Челебија го запишал тој податок, а уште во средниот век Охрид е наречен Словенски Ерусалим.

Градот на првите пештерски цркви на овие простори во кои човек заборава на времето и просторот и добива единствени одговори. Градот каде монаштвото ја оставило сета своја мудрост а бог својата премудрост.

Охрид е награда за Библиска Македонија ќе речат или ќе помислат само оние што го виделе и доживеале овој град. Само еднаш доживејте го Охрид и веќе знаете зошто ќе се вратите повторно и зошто Охрид едноставно не може да се раскаже.

Информации

Дознај повеќе