НОВА АВИО ЛИНИЈА ШТУТГАРД-ОХРИД

Денеска на Охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле” пристигнаа првите патници од  новата авио-линија Штутгарт-Охрид на авиокомпанијата „Еуровингс“.

Во рамки на свеченоста по повод пречекот на првиот лет, присуствуваа Генералниот директор на ТАВ Македонија Алпер Ерсој, Комерцијалниот директор на „Еуровингс“, Оливер Вагнер, Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Томислав Тунтев и Претседателот на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска.

-Охрид е најголемиот туристички бисер во нашата земја, а секое ново авио-поврзување значи отворање на нови хоризонти и можности за патувања, развој на туризмот и воспоставување на нова деловна соработка.
Благодарение на заложбите на  Владата на Република Северна Македнија и ТАВ Македонија, кон охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ веќе се воспоставени низа нови директни линии, со кои Охрид станува поврзан град преку целата година, што значително влијае врз бројот на туристи и остварени ноќевања. Исто така, за охридските туристички работници од особено значење се директните чартер линии, кои продолжуваат да оперираат во текот на летниот период.
Се надевам дека атрактивноста на Охрид како дестинација и капацитетите со кои располага Охридскиот аеродром ќе бидат препознаени и од други авио-превозници, кои ќе пројават интерес за воспоставување на редовни и чартер летови до Охрид.
Ние како Локална самоуправа, постојано работиме во делот на подобрување на условите за туристички развој на Охрид и цврсто сме определени да ги постигнеме и реализираме сите зацртани цели. Охрид има огромни потенцијали, но само низ заедничка соработка и стратешки пристап може да го направиме светска туристичка дестинација, истакна Ангелоска во своето обраќање.

Авиокомпанијата „Еуровингс“ ќе лета на дестинацијата Штутгарт-Охрид два пати неделно, секој понеделник и петок, до 9 септември, а од 17-ти јули авиокомпанијата ќе ја отвори и својата втора сезонска дестинација Дизелдорф-Охрид,  која ќе лета секоја среда до крајот на август.

Охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле” во моментов опслужува 20 дестинации, од кои 8 се редовни нисокобуџетни авиолинии преку целата година: Цирих, Базел, Виена, Лондон, Малме, Милано, Меминген и Дортмунд. Останатите 12 дестинации од охридскиот аеродром се сезонски, од април до октомври: Амстердам, Брисел, Истанбул, Талин, Тел Авив, Варшава, Ајндховен, Катовице, Мастрихт, Адана, Штутгарт и Дизелдорф.

Охридскиот аеродром е рангиран од Airports Council International (ACI) како еден од првите три аеродроми во Европа, според стапката на најголем раст на бројот на патници во првиот квартал од 2019 година.