ОХРИД ДОБИ СОВРЕМЕН ЦЕНТАР ЗА СПАСУВАЊЕ НА ПЛАНИНА

Со пригодна свеченост, денеска во Охрид беше пуштен во употреба Центарот за спасување на планина, во рамки на проектот „Регионот Охридско Езеро – Безбедна дестинација за авантуристички туризам”, финансиран со средства на Европската Унија во рамки на Програмата ИПА2 за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија.

На настанот присуствуваа амбасадорите на ЕУ во двете соседни земји, Самуел Жбогар и Луиџи Сорека, Министерот за Локална самоуправа Горан Милевски и Градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески. 

Основен предуслов за развој на авантуристички туризам претставува безбедноста и менаџирањето со ризици, во рамки на еден комплетен туристички производ. Со целокупната расположлива опрема, капацитет и стручен кадар, Центарот за спасување на планина ќе придонесе за подобрување на ефикасноста на Службата за спасување на планина и значително ќе го подигне нивото на безбедност на планинарите. Со вакви услови, нашиот регион и нашите преубави планински предели, стануваат безбедна дестинација за развој на алтернативни форми на туризам и промоција на планинарските спортови-потенцираше Георгиески.

Тој искажа благодаррност до Делегациите на Европската Унија во Република Северна Македонија и во Република Албанија кои ја препознале прекуграничната димензија на овој проект и потребата за поголемо и посоодветно планско и стратешко подобрување на условите за развој на нови форми на туризам, во овој регион.Во рамки на Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија и Кампањата на ЕУ „Креираме иднина заедно“, денес во Охрид се одржа и  Конференција за развој на туризмот во прекуграничнот регион, во чии рамки беа одржани неколку панел дискусии, на важни туристички теми. Исто така на Охридскиот плоштад беше одржана и саемска презентација на 9 проекти кои се имплемнтираат со средства од оваа програма.