ОХРИД ДОМАЌИН НА ИНТЕРНАЦИОНАЛНИОТ НАСТАН „ГАСТРО МАК 2019’

Раномирани светски готвачи и шефови на кујни ќе бидат дел од Четвртиот Интернационален гастрономски натпревар – „Гастро Мак”, кој ќе се одржи од 10-ти до 14-ти октомври 2019 година во Охрид. Овој континентален гастрономски настан е во организација на Националната асоцијација на готвачи и шефови на кујни од Рeпублика Северна Македонија поддржана од Министерството за култура и Општина Охрид.

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески смета дека угостителството е исклучително битен елемент во еден комплетен туристички производ, па затоа Охрид како најважен туристички центар во нашата земја треба да биде лидер во делот на осовременување на целокупната гастрономска понуда.

-Гастрономијата во суштина е наука во која се искомбинирани уметноста и храната, а специјалитетите претставуваат одраз на културата на целокупното живеење. Од особено значење на ова поле е збогатувањето на ресторанските менија со уникатни производи, како и организирањето на низа промотивни настани, кои имаат за цел да ја презентираат храната од ова поднебје, во согласност со современите светски текови во кулинарството.

На радува фактот што во последните неколку години, благодарение на врвните македонски готвачи и шефови на кујни, сопствениците на угостителските објекти, започнуваат да ја разбираат важноста на промоцијата на нашите автентични специјалитети, кои се вистинско уживање за гурманите и љубителите на добрата храна. Исто така дел од ресторните во последниот период имаат внесено многу новини во модернизирање на процесот на готвење и послужување на храната, што е од особено значење за задоволството на туристите и странските гости, рече Георгиески.

Според него Интернационалниот гастрономски натпревар „Гастро Мак” значително ќе придонесе за унапредување на гастрономската понуда и ќе ги промовира техниките за подготовка на храна, кои ги применуваат најпознатите светски готвачи.

-Ние како локална самоуправа и јас како градоначалник секогаш ќе бидеме подготвени за поддршка на вакви настани, кои се во насока на промоција на Охрид како туристички центар и настани кои придонесуваат за збогатување на туристичката понуда на нашиот град надвор од шпицот на летната туристичка сезона, истакна Георгиески.

На овогодинешното издание на „Гастро Мак” ќе земат учество 50 светски судии и мастерклас предавачи, кои ќе бидат предводени од врвниот светски готвач Стево Карапанџа. На настанот до сега имаат пријавено учество околу 400 учесници од 35 земји.