„ОХРИД ТРАИЛ“- НОВА СПОРТСКА АТРАКЦИЈА

Со поддршка на општина Охрид, Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите – Сите за спорт“, а во соработка со Здружението за промоција на планинарското трчање „Трекс“ го организираат новиот спортски настан „Охрид Траил“.

  • Охрид, онака како што доликува, од денес ќе биде побогат за уште еден спортски настан. Не сомневајќи се во способноста и капацитетите на организаторот,Асоцијацијата на спортови – „Спорт за сите“, можам да Ве уверам дека и овој настан ќе биде вистинска атракција како и „Охрид трчат“ и настан кој ќе прерасне во традиција. „Охрид Трејл“ е новата содржина која ќе го збогати спортското портфолио на градот, изјави в.д. градоначалникот Константин Георгиески и додаде „со големо задоволство, како човек кој што е страстен љубител на природата и планината, можам да кажам дека овој настан, овие трки, ќе бидат одлично искуство за сите учесници. Воедно настанот сам по себе ќе биде промотивен и ќе го афирмира природното богатство на нашиот Охрид“.

„Охрид Траил“ претставува планинско трчање, кое што ќе се одвива низ Националниот парк „Галичица“. Предвидени се две трки во должина од 60 и 35 километри, едната почнува од Св. Наум, додека другата од кампот Елешец. И двете трки ќе поминуваа преку НП „Галичица“ и ќе финишираат на Градскиот плоштад.

Целта на настанот е што е можно повеќе да се популаризира планината, а воедно и да се подигне јавната свест за да ја почитуваат и чуваат.

Трките ќе се одржат на 25. Мај, а пријавувањето  започнува од 01. Февруари. Заинтересираните може да се пријават и да ги пронајдат сите потребни информации за трките на официјалната веб страна на „Охрид Траил“ – www.ohridtrail.mk .